Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган повторно денеска ѝ се заканил на Грција со воен одговор во случај да продолжат со провокациите како неодамна кога турски воени авиони се нашле на мета на противвоздушното вооружување додека летале над спорните острови во Егејското море.
„Ако имаат острови и воени бази и одредени претензии кои се илегални и се закана кон нас, ние еден ден ќе го изгубиме трпението. Кога ќе го изгубиме, се може да се случи“, рекол Ердоган на прес-конференција во Сараево запрашан за последниот спор со Грција.
Составите за противвоздушна одбрана С-300, кои ги користи Грција, за време на прелетот биле насочени кон турските авиони кои имале рутински лет над островите во Егејското море.
„Вознемирување на нашите авиони со радари не е чекор кон добрососедство“, додал тој.
Турција на 30-ти август го прославила државниот празник, Денот на победата, кој се одбележува во знак на сеќавање на турските сили кои ги протерале грчките воени сили во 1922-ра година. Анкара потсетила дека Егејските острови се предадени во посед на Грција во склад со договорите од 1923-та и 1947-ма година, но под услов да не се вооружуваат.
Односите меѓу Грција и Турција во последните десетина години се во состојба на постојана нарушеност, а во 2020-та година ескалирале во границите на воен судир кога двете држави пратиле бродови во оспорените води на источното Средоземје.
Ердоган на почетокот на јуни и се заканил на Грција од истите причини, што предизвикало загриженост кај меѓународната заедница. Милитаризацијата на грчките острови на истокот на Егејското море е забраната според договорот од Лозана од 1923-та година и договорот од Париз од 1947-ма. Атина тврди дека грчки војници се распоредени на тие острови за да ги одбранат од бродовите кои им приоѓаат од западниот турски брег.