УЖАС: Кумановец застрелан со воздушна пушка – ова се деталите









Жител на Куманово бил погоден и повреден од истрел од воздушна пушка во селото Војник, а го погодил овчар, кој пукал кон кучиња, соопшти МВР.




„На 05.09.2022 во 21.18 часот во СВР Куманово, од Општа болница Куманово било пријавено дека кај нив со повреда бил донесен Ј.С. од Куманово.

Полициски службеници излегле на местото и во службен разговор со нив Ј.С. пријавил дека со повредите се здобил во с.Војник, општина Старо Нагоричане.

Како што пријавил тој, додека шетал бил погоден од овчар, кој со воздушна пушка пукал кон кучиња“, се вели во полициското соопштение.




Се преземаат мерки за расчистување на случајот.




Повеќе од дневен билтен на МВР:

Извадок на дел од дневни настани 06.09.2022

На 05.09.2022 во 22.00 часот на регионалниот пат Тетово-Скопје, кај клучка Групчин, полициски службеници од Полициското одделение Групчин лишиле од слобода двајца малолетници од Тетово и еден малолетник од с.Голема Речица, тетовско. При преглед кај лицата и во возилото „сеат ибица“ со тетовски регистарски ознаки, кое го управувал малолетникот од Голема Речица, кај едниот малолетник од Тетово биле пронајдени марихуана, пиштол „Woltra Combat“ калибар 9мм без документи и една дробилка. Лицата биле приведени во полициска станица и во присуство на нивните родители со нив бил извршен службен разговор. По целосно документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.

На 05.09.2022 околу 15.30 часот во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово ја лишиле од слобода Д.А.(34) од Република Србија. Таа се сомничи дека во текот на денот извршила кражба во маркет на ул.„Иво Лола Рибар“ во Куманово. Одземените предмети биле пронајдени и вратени на сопственикот, а лицето било задржано во полициска станица. По целосно документирање на случајот против неа ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 05.09.2022 во 13.00 часот во гостиварско Врапчиште, полициски службеници на СВР Тетово – Одделение за внатрешни работи Гостивар го лишиле од слобода 69-годишниот Ј.Б. од ова село. Тој се сомнничи дека на 3-ти овој месец од спортска обложувалница во селото противправно одзел парични средства. Се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот, по што против Ј.Б. ќе следува соодветен поднесок.

На 05.09.2022 во 23.30 часот во с.Ропотово, прилепско, полициски службеници од СВР Битола – ОВР Прилеп – Полициско одделение Ропотово го лишиле од слобода И.М.(30) од с.Црнилиште. Тој бил затекнат како врши бесправен транспорт на 4 кубни метри огревно дрво. Товарното возило „ивеко“ без регистарски ознаки и дрвата му биле одземени, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 05.09.2022 во 20.45 часот на Граничен премин „Табановце“, полициски службеници го привеле Е.Т.(23) од Република Албанија затоа што на пасошка контрола приложил албанска патна исправа на име од неговиот брат. Лицето било предадено на полициски службеници од СВР Куманово за понатамошна постапка.

Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден (05.09.2022) продолжи со акциски контроли во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 104 мерки, меѓу кои за користење мобилен телефон шест санкции, три мерки за возење без возачка дозвола, седум санкции за прекршоци што ги прават возачите на мотоцикли, пет мерки за возење под дејство на алкохол, четири санкции за минување на затворен сигнал (црвено светло)…

На 05.09.2022 на подрачјето на СВР Штип била спроведена акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 33 прекршоци, од кои 18 надвор од населено место и 15 во населено место. На сите возачи им биле изречени соодветни санкции. Санкционирани биле и 13 други видови на прекршоци, од кои 2 за управување возило без возачка дозвола, 2 за нерегистрирано возило, 3 за возач почетник, 2 за некористење сигурносен појас и 4 за непрописно паркирање.

На 05.09.2022 во 15.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на поранешен полигон на ул.„Лазар Личеноски“ во Скопје, патничко моторно возило „фолксваген“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Ф.И.(47) од с.Арачиново, скопско, излетало од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил сопатникот А.И.(47) од с.Арачиново, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

На 05.09.2022 во 21.15 часот во Полициската станица Центар, Р.С.(40) од Скопје пријавил дека на ул.„Партение Зографски“ бил каснат од куче скитник.

На 05.09.2022 во 20.10 часот во Полициската станица Аеродром, А.Б.(41) од Скопје пријавила дека во Ново Лисиче била касната од куче скитник.

На 06.09.2022 во 03.05 часот во Охрид, полициски службеници од СВР Охрид го лишиле од слобода Б.Т.(34) од Охрид. Тој се сомничи дека претходно со употреба на физичка сила и подесен алат влегол во куќа во Охрид и одзел пари, накит и други вредни предмети. Дел од одземените предмети биле пронајдени и вратени на сопственикот. По документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 05.09.2022 во 14.35 часoт во СВР Штип, од Казнено – поправната установа Затвор Штип било пријавено дека при претрес во една од просториите од затвореното одделение кај осуденикот П.Т.(42) од Свети Николе била пронајдена прашкаста материја. Се работи на расчистување на случајот, по што ќе следи соодветен поднесок.

На 05.09.2022 во 09.15 часот на Граничен премин „Богородица“, полициски службеници го привеле Д.Е.(41) од Република Албанија затоа што се обидел незаконски да ја премине државната граница со Република Грција. Лицето било предадено на полициски службеници од Одделението за миграции, прекуграничен криминал, странци и редамисија Гевгелија за понатамошна постапка.

На 05.09.2022 во 21.18 часот во СВР Куманово, од Општа болница Куманово било пријавено дека кај нив со повреда бил донесен Ј.С. од Куманово. Полициски службеници излегле на местото и во службен разговор со нив Ј.С. пријавил дека со повредите се здобил во с.Војник, општина Старо Нагоричане. Како што пријавил тој, додека шетал бил погоден од овчар, кој со воздушна пушка пукал кон кучиња. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Во текот на вчерашниот ден (05.09.2022) Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 177 возачи. Од нив пет возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а едно возило се движело со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа 74 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 103 надвор од населено место.

Минатиот месец (август) во Тетово, полициските службеници на СВР Тетово изрекле вкупно 633 мерки за неприлагодена брзина според условите на патот, односно за пребрзо возење. Најголемиот број од мерките се однесувале на пребрзо возење надвор од населено место и пред се на тетовскиот дел од автопатот Гостивар-Тетово-Скопје. Зависно од големината на пречекорувањето на брзината, на прекршителите им се изготвени законски предвидените поднесоци и тие ќе се соочат со парични глоби кои за овој вид прекршок се движат од 30 до 400 евра во денарска противредност.

На 05.09.2022 околу 12.30 часот во СВР Велес било пријавено дека настанал пожар во стан на ул.„Славко Горгиевски“ во Велес, сопственост на Д.С.(40) од Велес. Поради вдишување на чад, Д.С. бил пренесен во болницата во Велес за укажување лекарска помош. Пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Велес. Увид извршила екипа од СВР Велес.

На 05.09.2022 во 09.37 часот во СВР Скопје, М.Н.(57) од Скопје пријавил дека на ул.„Петар Манџуков“ од залутано зрно било оштетено задното стакло од возило „голф“. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 05.09.2022 во СВР Битола, Т.Т.(68) од Битола пријавил дека на ул.„Индустриска“ во Битола бил каснат од куче скитник.

На 05.09.2022 во Полициската станица Велес, Љ.Д.(65) од Велес пријавил дека на ул.„Мечкин Камен“ бил каснат од куче скитник.

На 05.09.2022 во 10.50 часот во СВР Куманово, К.С.(24) од Куманово пријавил дека на бул.„Октомвриска револуција“ во Куманово бил каснат од куче скитник.

Во 23.20 часот кај место викано „Стара плинара“ на обиколница Богданци, полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор „Богородица“ откриле група од 157 лица мигранти од Сирија. Мигрантите биле пренесени во Прифатниот транзитен центар „Винојуг“ во Гевгелија за понатамошна постапка.

Надворешната канцеларија за кримииналистички работи Виница поднесе кривична пријава против С.О.(62) од Виница поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. Во текот на 2016 година на катастарска парцела во Виница, пријавениот започнал изградба на објект без да ја поседува потребната документација, односно без одобрение за градба.

На 05.09.2022 во 22.00 часот во Полициската станица Бит Пазар, Ј.Ф.(67) од Скопје пријавил дека околу 18.50 часот на подрачје на Бит Пазар – Скопје, по претходно недоразбирање, бил физички нападнат од едно лице. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 05.09.2022 во Полициската станица Карпош било пријавено дека од Јавна установа за згрижување деца се оддалечил нивниот штитеник Р.Џ.М.(15) од Скопје, кој и претходно се оддалечувал и бил враќан. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

error: Content is protected !!