Дали Македонија ќе развива вселенска програма или дали ќе учествува во вселенска програма со друга земја?
-Во моментот пишуваме труд на моите постдипломски студии во САД за тоа како да се припојат малите земји на вселенските програми. Првото нешто е државата да обезбеди буџет за истражувања, но тоа можат да го направат и ентузијасти преку давање пример преку социјалните мрежи.
Тоа ќе придонесе до промена во мислењето кај младите дека тоа е возможно, вели првата аналогна космонаутка Мартина Димоска во СТУДИО 10 на ТВ 24.
Таа вели дека и Албанија лансираше сателити, а за истото се подготвува и Косово. Димоска вели дека Македонија има мал капацитет споредено со големите сили, но треба да се споредува и да ги зема искуствата од регионот. Треба да се спроведат едукативни програми за наставниците оти ние не смееме да се разликуваме од другите соседни земји.
-Регионот е многу сличен. Ако Словенија има добра развиена телекомуникација ние можеме да се приклучиме. Треба основите во вселенскиот сектор да почнеме да ги применуваме, вели Димоска.
Таа вели дека универзитетите треба да се стимулираат финансиски и за тоа не е потробен огромен буџет. Потребно е да има неколку претставници кои ќе носат иновации тука. На пример, со вселенскиот сектор можеме да се припоиме преку ИТ секторот кој е многу развиен кај нас, вели Димоска.
Таа појаснува дека аналогните космонаути испитуваат на Земјата како би се однесувала мисија во реални услови во вселената.