Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами смета дека зимскиот распуст во училиштата треба да се продолжи на два месеца, но не само за време на енергетската криза, туку и потоа, со цел поголемо штедење, пренесе ТВ21.
-Изготвуваме ист допис до Влада за тоа да важи за сите училишта, бидејќи сметаме дека не само сега за време на енергетската криза во која се наоѓа државата и треба да штедиме, туку сметаме дека вакво нешто е потребно согласно најдобрите европски искуства.
Зимскиот распуст треба да се продолжи со цел и децата да можат да го планираат нивниот одмор, но сега во енергетската криза мислам дека ова е најсоодветно. Јас ќе бидам во комуникација со градоначалникот на општина Гостивар со цел истата иницијатива да ја продолжиме и преку заедниците на локалната самоуправа, рече градоначалникот на општина Тетово, Биљал Касами.
И првиот човек на Гостивар, Таравари претходно побара зимскиот распуст да трае два месеца – декември и јануари, со цел штедење на струја. Вели дека предлогот го доставил до Министерството за образование, а идејата наишла на поддршка од многу градоначалници.
-Доставивме предлог како општина Гостивар до сите општини и до ЗЕЛС, но и до Министерството за образование годишниот зимски распуст да трае два месеца. Ова го направивме официјално и добив бројни повици од многу градоначалници на други општини.
Мојот апел до Министерството за образование би бил да го разгледаат уште еднаш барањето за зимскиот распуст со единствена цел – да се заштеди струја. Годишниот распуст да биде во декември и јануари кога се најстудените месеци, конкретно во нашите општини, вели гостиварскиот градоначалник, Арбен Таравари.
Пред неколку недели, општина Гостивар презеде мерки за штедење електрична енергија.
Извор: ТВ21