Украински генерал: Дојдовме на 48 километри од границата со Русија – не застануваме тука









Врховниот командант на украинската армија, генерал Валериј Жалузни денеска изјави дека украинските сили стигнале на околу 48 километри од северната граница со Русија, додавајќи дека напредувањето во регионот Харков продолжува и на југ и на исток.




Жалузниј на својот канал Телеграм напиша дека украинските сили ослободиле повеќе од 3.000 квадратни километри територија за 10 дена од септември и додаде:

„Украина продолжува да ги ослободува териториите окупирани од Русите“.




Ројтерс не можеше веднаш да ја потврди информацијата, но Русија вчера призна дека нејзините сили го напуштиле Изум, клучното воено упориште во регионот Харков.

Кулеба: Ова е доказ дека можеме да ги победиме Русите

Успехот на Украина во борбата против Русија покажува дека земјата може да ги победи, но на Киев му треба повеќе оружје од своите партнери, изјави синоќа украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.




Москва вчера го напушти своето главно упориште во североисточна Украина, откако украинските сили го забрзаа напредувањето.

Кулеба, зборувајќи на прес-конференција со германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок која беше во посета на земјата, рече дека некои сојузници првично не сакале да испратат оружје, наведувајќи го ризикот од антагонизам од рускиот претседател Владимир Путин.




Иако Германија испрати самоодни топови во Украина, Киев сака и борбени тенкови Леопард, борбени возила Мардер и противвоздушни тенкови Гепард.

Баербок вети натамошна воена помош и не ја исклучи можноста за испорака на борбени тенкови.

Енергоатом: Нуклеарната електрана Запорожје целосно престана да работи




Работата на нуклеарната електрана Запорожје, која е под руска контрола, е целосно прекината како мерка за безбедност на централата, соопшти денеска украинската енергетска компанија Енергоатом.

Компанијата прецизираше дека го исклучила шестиот реактор на нуклеарната централа од електричната мрежа во 03:41 часот по локално време.




Компанијата додаде дека вчера успеала да ја обнови инфраструктурната врска на централата со електричниот систем, кој, според „Енергоатом“, бил оштетен од руско гранатирање. На овој начин повторно стана возможно централата да се напојува од украинскиот енергетски систем.

Енергоатом во исто време нагласи дека „останува висок ризикот од предизвикување дополнителни штети на инфраструктурата“, што би создало потреба од „напојување на централата со дизел генератори, а ова решение би било краткорочно, земајќи ги предвид технолошкиот ресурс и количината на достапно дизел гориво“.




Киев во средата ги повика сите жители на областите окупирани од Русија околу нуклеарната централа Запорожје, која е најголемата нуклеарна централа во Европа, да се евакуираат заради нивна безбедност.




Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат за гранатирање на централата, што може да доведе до нуклеарна катастрофа.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика областа околу централата да се демилитаризира.

error: Content is protected !!