Група од 30-тина граѓани кои се противат на одржувањето на прошетката на ЛГБТ активистите се собраа изутрината во близина на црквата Свети Марко, а според медиумите, дел од нив фрлале шишиња кон автомобилите и снимателот на телевизијата N1.
Како што јави таа телевизија, снимателот бил удрен со шише од екскомуницираниот монах Арсенија, а инцидентот бил пријавен во полиција.
Порталот Нова објави дека двајца учесници на тој собир биле приведени бидејќи фрлале шишиња кон автомобилите и ги навредувале насобраните новинари.
Организаторите на Еуропрајд најавија дека и покрај забраната, собирот на учесниците на прошетката ќе започне во 16:00 часот пред зградата на Уставниот суд, од каде во 17:00 часот ќе се упатат кон Ташмајдан.
Противниците на Парадата на гордоста, кои протестираат против Прајдот што ќе се организира денеска во рамки на манифестацијата „Европрајд2022“, веќе почнаа да се собираат низ централните улици на Белград. Еден од нив украл ЛГБТ знаме, поради што полицијата веднаш го привела.
Припадници на МВР од синоќа се распоредени на улиците, а долж Булевар Крал Александар е поставен полициски кордон.
Токму на тоа место „лице в лице“ ги пречекале членовите на Литиите, кои во знак на протест против одржувањето на парадата на гордоста ја најавија и таканаречената семејна прошетка. Со себе носат икони и крстови и пеат црковни песни.
Инаку најмалку 3.000 полицајци ќе бидат директно задолжени за обезбедување на денешната прошетка во рамки на Еуропрајд.
Освен полицајците на улиците и во деловите од градот каде што ќе се движи поворката Прајд, значително поголем ќе биде и бројот на ангажирани припадници на безбедносните сили во униформа или во цивил – вкупно околу 6.000 луѓе.
Фокусот во текот на денешниот ден ќе биде ставен на зачувување на безбедноста на учесниците на Парадата на гордоста, кои ќе бидат неколкукратно помали од учесниците на контра прошетката.