Поголема група Руси денеска слетаа на белградскиот аеродром, бегајќи од војната и мобилизацијата што утринава ја најави претседателот на Русија, Владимир Путин. Во интервју за „Нова.рс“ велат дека се исплашени, дека Путин е убиец кој ги тера во конфликт што не го сакаат.
Низ солзи кажаа дека се плашат за своите семејства и дека во Белград најмногу ќе престојуваат кај роднините, пријателите или членовите на семејството кои веќе дошле порано во Белград.
Потенцијално еден од последните авиони што ќе полета од Москва во наредниот период, пристигна денеска на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград. Тимот на Nova.rs разговараше со исплашени и загрижени Руси, откако Путин најави делумна мобилизација.
Многумина во страв не сакаа да зборуваат пред камерите, обидувајќи се да ја остават војната зад себе и конечно да бидат безбедни. Имаше и такви кои за „Нова“ ги пренесоа своите искуства во врска со актуелната криза во Москва, и дадоа објаснувања зошто си ги платиле билетите и се упатиле кон Белград.
Мојот сопруг остана во Русија“, вели Јулија во интервју за Нова.
„Многу мои пријатели добија повик за мобилизација. На моите колеги и воопшто на млади момци“, вели таа.
Јулија вели дека поканите ги добивале млади луѓе, иако прво се зборувало дека младите нема да добијат покани. А поканите, според неа, пристигнале на нивните домашни адреси.
„Мојот брат е пред Изум. Го регрутирале иако има 20 години. Тој веќе трет месец војува во Изум. Тој отиде во војна на 29 јуни и беше во Изум и Харков. Не верувајте во се што се зборува во Русија!“, вели Јулија.
Новинарите на Нова.рс разговараа и со Ирина, која вели дека таа и нејзиниот сопруг допатувале од Москва за да бидат безбедни.
„Многу сум исплашен за моето семејство и пријателите и секако за сопствената безбедност. Пред некое време и ќерка ми дојде во Белград. Сега јас и мојот сопруг дојдовме во Белград да бидеме сигурни. Сакаме да останеме овде“, низ солзи вели Ирина.
Таа наведува дека е многу тажна и дека не разбира зошто се случи војната со Украина.
„Многу сум исплашенa и тажнa бидејќи мојата влада води лоша политика. Сакам да кажам дека на Украинците им треба слобода, ве молам прекинете го конфликтот. Повторувам, луѓе ве молам, престанете со нападите. Ве молам запрете го Путин. Што се однесува до него, можам да кажам дека е многу опасен и дека е убиец. Тоа не е добар човек, не се грижи за народот, во тоа сум сигурна“, уверува Ирина.
Имаше и такви кои тврдеа дека во Москва се е нормално како и досега, и дека не им посакуваат ништо добро на Украинците.
„Украина како Украина е сосема друга тема во Москва. Тоа се различни работи, но не мислам ништо добро за Киев и таа земја“, вели семејство од Москва.
Алексеј, млад човек од предградијата на главниот град на Русија, кој вели дека дошол да посети роднина, исто така тврди дека е исплашен.
„Се плашам поради војната и дојдов во Белград да ги посетам моите роднини“, изјави Алексеј за Нова.рс, кого мајка му потоа го одвои од камерата, очигледно плашејќи се од целата ситуација.
Да потсетиме, претседателот на Русија, Владимир Путин, најави делумна мобилизација каде ќе бидат регрутирани граѓани кои се во резерва. Тоа значи дека околу 300.000 резервисти ќе бидат повикани да се борат против Украинците, бидејќи руската армија во последните денови претрпе катастрофални загуби на фронтовите.
Веста дека мобилизацијата ќе се случи ги натера Русите да организираат протести кои ќе се одржат во среда навечер.
Дополнително, информациите за воениот рок доведоа до енормно зголемување на цената на авио билетите од Москва. Сите карти практично се запалија, иако цената достигна и до 5.600 долари.
Извор: Нова.рс