Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска денеска постави нови в.д. директори на јавните претпријатија откако досегашните, кадри на ВМРО-ДПМНЕ и Социјалистичката партија, си поднесоа оставки уште пред две недели, поради меѓусебни несогласувања.
Во ЈП „Лајка“ за в. д. директорка е поставена активистката за заштита на животните Радмила Пешева, а „Градски паркинг“ го добива партија ГРОМ на Стевче Јакимовски, каде за директор е назначен Крсте Петревски.
Во „Улици и патишта“ за в. д. директор е назначен Саид Саид, во „Паркови и зеленило“ Реџепи Зухејр, кадри на ДУИ блиски на крилото на Изет Меџити и Блерим Беџети, таканаречената „огнена група“ која минатата недела со отворено писмо побара смена на Артан Груби.
Со ЈП „Дрисла“ пак ќе управува Александар Кузинаков.
Во ЈП „Комунална хигиена“ продолжува со раководење Косана Мазнева, во ЈСП останува Александар Стојковски и во „Водовод“ исто така е Марјан Митевски.
„Новите в. д. директори ќе имаат обврска и одговорност во следните 6 месеци да ги спроведат неопходните реформи со цел консолидација на јавните претпријатија во периодот кој следи од аспект на справување со економската и енергетската криза. Обврските се во насока на оптимизација на средствата и процесите, намалување на трошоците и кратење на сите непродуктивни трошења, како и спроведување на реформата во сегментот на вработувања во претпријатијата со која нема да се дозволи лица кои не одат на работа или не ги извршуваат работните обврски да бидат платени од буџетските средства“, велат од кабинетот на Арсовска.