Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 ќе настапат во квалификациите за Европската лига на ЕХФ, што за нив ќе биде дебитантски настап во едно европско натпреварување. Избраниците на Александар Јовиќ со пласманот во Европа ја крунисаа одличната сезона во Суперлигата лани. Во првиот европски натпревар битолчани гостуваат кај Алпла Хард во Австрија.
Вицепрвакот на оваа земја важи за голем фаворит, ама младите пелистерци покажаа дека не признаваат фаворити. Минатата сезона тимот успеа да го изненади Вардар и да слави во Битола, ростерот остана без неколку важни имиња, но и овие млади момчиња се желни за докажување. Јовиќ нема да смета на Павле Атанасијевиќ, Ѓоргоски, Димитровски, Трајкоски, Кузманоски, кои дел заминаа, а дел се промовирани во првиот тим на Еурофарм Пелистер.
Битолчани вчера пристигнаа во Австрија, имаа малку одмор и одржаа тренинг во салата на Алпла. Ниту едните, ниту другите не се во натпреварувачки ритам, ова ќе биде прв меч за двете екипи во новата сезона, формата е непознаница, па не се знае што да се очекува. Едно нешто е сигурно, Еурофарм Пелистер 2 ќе игра за своја чест, ќе дебитира во Европа и нема лесно да се предаде против Австријците.
Натпреварот меѓу Алпла Хард и Еурофарм Пелистер 2 е закажан во 19:00 часот.