Со традиционалниот импровизиран напад на градот и со огномет синоќа во Прилеп започнаа одбележувањата на 11 Октомври, Денот на народното востание и 81 година од почетокот на Народноослободителната борба.
Обраќајќи им се на прилепчани од камената бина на плоштадот „Александрија“ синоќа прилепскиот градоначалник Борче Јовчески порача дека празнувајќи денес, оддаваме почит на сите херои од нашата голема и богата македонска историја. Тие се оние кои што ги поставиле темелите врз кои опстојува денешната современа држава.
-Овој празник, оваа победа на македонскиот народ е светла точка во нашата историја. Но исто така поттик и мотив сега и во иднина цврсто да застанеме кога се во прашање националните интереси, доколку сакаме да го продолжиме патот кој е започнат пред 81 година, а со тоа да го зачуваме достоинството на Република Македонија, рече Јовчески.
Делегација од Владата, предводена од министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, делегации од Кабинетот на претседателот, од Собранието, од Армијата, од Сојузот на борците, од локалната самоуправа, од политички партиии, здруженија, денеска положија венци и цвеќиња и се поклонија пред спомениците на Методија Андонов Ченто, првиот претседател на президиумот на АСНОМ, пред споменикот на Кузман Јосифоски Питу и на Могилата на непобедените каде се моштите на загинатите борци во НОБ и Револуцијата.