Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски очекува најстроги казни за сторителите кои вчера предизвикаа паника и страв во осум скопски училишта откако испратија мејлови со закани за поставени бомби.
Полициската претрага која течеше во овие средни училишта откри дека станува збор за лажна закана.
Во текот на попладневните часови, пред почетокот на втората смена во неколку скопски гимназии и средни стручни училишта на мејл им пристигнала заканувачка порака.
Според директорот на Гимназијата „Орце Николов“ испраќач на пораката кај нив бил novaera.mk кој претходно немал испраќано мејлови до нив, а мејлот завршил во сандачето за спам.
-Беше вознемирувачка содржина, веднаш известивме на 192. Во пораката стоеше дека не мрази, ќе убие илјадници со експлозивот, а пораката завршуваше со „сите ќе умрете“. Заканата беше вознемирувачка, во школото учат илјада ученици и се ни се мота низ глава. Полицијата изврши евакуација. Провери и ни кажа дека се е чисто и дека од утре може да продолжи наставата. Полиција сепак остана како обезбедување околу училишната зграда“, изјави вчера за Телма Митко Димовски, директор на скопската гимназија „Орце Николов“.
Спасовски денеска информираше дека истрагата за вчерашните дојави за поставени бомби во осум скопски средни училишта во тек.
-Ги знаеме првите податоци за тоа од каде се испратени тие меилови и најважно е да успееме да ги откриеме сите ИП адреси од каде доаѓа овој монструозен чин, без разлика дали станува збор за хибриден напад врз Северна Македонија или политички игри, како една од претпоставките, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски додавајќи дека никој не смее да дозволи да си игра со судбините на децата и на сите нас.
-Ова е сензитивна тема и сметам дека без разлика кој го нарачува сето ова треба да има на ум дека не може да се игра со системот и со граѓаните на Република Северна Македонија, порача министерот Спасовски утрово во интервју на Националната телевизија.
Вчера зградите на училиштата беа детално проверени од Одделот за антитероризам и е утврдено дека станува збор за лажни пријави.