Еден од ексклузивните учесници на годинашниот „Макфест“ беше Ламбе Алабаковски (34). Познатиот македонски поп-пејач се врати во Македонија по седум години минати во Детроит, САД.
Вниманието на јавноста ѝ го привлече и откако на 7 јуни годинава беше приведен за палењето на влезната врата на бугарскиот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола, а откако го призна делото беше ослободен и осуден на условна казна затвор во траење од шест месеци, која нема да се реализира доколку во следните две години, Алабаковски не стори ново кривично дело.
Неговиот настап не помина незабележан, а штипјани покажаа дека сѐ уште им е еден од омилените пејачи од македонската сцена.
Какво е чувството по толку години повторно да сте на „Макфест“?
– Интересно, впечатливо, но како 100 години да поминале од моето последно доаѓање тука. Кога ми се јави Јован Јованов и ме праша дали ќе учествувам на годинашниот „Макфест“, веднаш прифатив кога слушнав дека фестивалот ќе биде од ревијален карактер. Убаво е да има вакви фестивали, да се создаваат нови песни, да се дружиме.
Песната „Оди си“ ја напиша Иван Јованов и уште од првото слушање ме освои. А домот „Ацо Шопов“ има мирис на минатото на овој фестивал, чиј дел сум и јас.
Во секој случај, пријатно е да си тука во Штип деновиве, да се дружиме со колегите, а запознав и многу нови, млади луѓе, кои се на почетокот на кариерата, што ми е особено драго.
Како, сега од временска дистанца, гледате на тоа што се случи во Битола?
– Ништо не сум направил плански, со некоја цел. Јас тоа што го чувствував длабоко во себе и го направив, навистина не би сакал многу да зборувам за тоа. Тоа го сторив поттикнат од моите искрени внатрешни чувства, како да се разгоре огнот што тлееше во мене. Но зад овој настан има и историја, минато.
Мојот прадедо од селото Љубојно се викаше Панде Пашариковски, него го убиле бугарските окупатори, а потоа и го обезглавиле. Баба ми, од страната на мајка ми, ми раскажуваше за овој трагичен настан, чиј сведок била со една другарка.
Тоа што сум го слушал, уште како дете, предизвика лавина од емоции кај мене. Можеби пресудно беше и тоа што повеќе години со семејството бев во Америка, а кога сте далеку од дома, патриотските чувства растат енормно.
Зошто ја запаливте влезната врата на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола?
– Видов дека никој ништо не презема и тоа ме заболе и, ете, се решив на тој чекор. Во тој миг не размислував за последиците, можеше сѐ да излезе многу полошо. Во еден миг си помислив дека ќе има многу полош тек за мене, за семејството, но кога целиот народ ме поддржа, бев трогнат. Но јас не го направив тоа за популарност, апсолутно не.
Мислам дека сите го чувствуваат тоа, таа неправда кон македонскиот народ, и дома и од страна на соседите, на меѓународната заедница, што трае многу долго и верувам дека многумина посакуваа некој да реагира. Можеше сѐ да мине со моите иницијали и никој ништо немаше да знае, но, ете, ми го открија идентитетот и тргна лавината.
Вашите песни повторно се многу слушани, а имавте и голем број настапи и гостувања периодов?
– Драго ми е што луѓето сѐ уште ме почитуваат и ме паметат по песните, а кога ќе видам дека сите ги пеат со мене од збор до збор, сигурен сум дека не згрешив што се вратив дома. Имам свој бенд, работиме доста, ете, имам и две нови песни, „На чекор до брегот“ и макфестовската „Оди си“. Ќе се снима уште многу, а на повидок е и нов албум. Имам идеја за понова верзија на хитот „Летај, ми летај гулабе“ од Калица, што своевремено ја отпеа Крунослав Кичо Слабинац, а би сакал и да снимам и албум со изворни македонски песни, бидејќи дел од нив пеам и на моите настапи. Веќе е договорен и настапот за Нова година, ќе свириме во Битола, каде што живеам со семејството. Енергијата е прекрасна, како и луѓето, соработниците….
Целото интервју прочитајте го на „Нова Македонија“ – (клик ТУКА)