Украинските бегалци сместени во бугарските хотели се заклучуваат во собите – одбиваат да бидат преместени









Украинските бегалци сместени во дел од хотелите на Сончев брег во Бугарија излегоа на протест, а некои одбиваат да излезат од хотелските соби.

Нивното сместување кое траеше од летото, требаше да заврши вчера, а потоа да бидат преместени во државните капацитети за сместување. Хотелите од денеска веќе не им готват, бидејќи според програмата грижата за нив требала да трае до денеска.




Еден од готвачите вели дека нема насока што да прави, или што да им готви на бегалците. Сопствениците на хотелите се заканија дека ќе почнат да ги бркаат, затоа што никој не им ги покрива тековните трошоци.

Велат дека повеќе не можат да готват за 200-те луѓе, трипати на ден, да плаќаат сметки за струја и вода, од сопствен џеб.




Од државата добиле ветување дека периодот во кој ги згрижиле бегалците ќе им биде парично покриен, но досега не добиле пари на сметка. За украинците кои се заклучиле во хотелските соби најавија дека ќе ги пријават и ќе побараат помош од полиицијата.




Украинските бегалци се собраа на протест пред хотелите, со својот багаж за да и покажат на бугарската влада дека нивните животи се собрани во еден куфер.

Украинците инсистираат повеќе да не се преселуваат, бидејќи на овој начин нема да можат да се интегрираат. Многу од децата веќе одат на училиште во Несебар, а нивните родители нашле работа.




Во Бугарија моментално има околу 50.000 украински бегалци, а околу 20.000 досега живееле во хотели.




Бугарската влада претходно ја објави одлуката за преселување на Украинците од хотелите. Министерот за внатрешни работи Иван Демерџијев објасни дека ваквата програма за поддршка на бегалците завршила во многу други земји од ЕУ.




Тој изјави дека Владата прави се за да ги смести украинските граѓани во соодветни рекреативни центри пред зимската сезона. Тие треба да се преселат до 15 ноември.

error: Content is protected !!