Екс премиерот Зоран Заев и неговата сопруга Зорица се во брак повеќе од 26 години, се знаеле уште од деца и нивната искрена љубов ја крунисале со брак!
Неговата сопруга Зорица Заева, не често дава интервју за медиумите, но познато е во јавноста дека тие се во брак повеќе од 26 години и од нивната љубов се родиле две деца, Александра и Душко.
Пред неколку години таа даде интересно интервју за Фокус, додека нејзиниот сопруг Зоран Заев се уште не беше премиер на Република Македонија.
Таа тогаш рече дека со Зоран се запознале многу одамна, речиси од деца.
Тоа познанство прераснало во љубов и во сериозна врска, веќе во далечната 1995 година, при крајот нивното средното образование.
Во тие времиња Зорица Заева не мислела дека еден ден ќе биде сопруга на лидер на партија, а потоа и сопруга на премиер.
Тогаш тие биле фокусирани на нивната врска и плановите за завршување на факултет.
Дури потоа, следејќи ги сопствените чувства и ставови, се пронашле во социјалдемократската идеологија и се активирале во општинската организација на СДСМ.
Премиерот Заев од кога постанал лидер на СДСМ не бил често дома и таа негова отсутност ја чувствувале нивните деца, бидејќи во последните години, покрај обврските во општината, Зоран најголемиот дел од времето го поминувал во Скопје.
Зорица изјави дека во одгледувањето на децата им помагале неговите, а и нејзините родители, но кога екс-премиерот бил слободен за викенди тој времето го поминувал со децата и најчесто гледале филмови во домашна атмосфера, правеле прошетки низ градот или се релаксирале на ридовите над Струмица.
Кој е Зоран Заев?
Зоран Заев е роден на 8-ми октомври 1974 во Струмица. Тој е македонски економист, стопанственик и политичар. Тој беше премиер на Македонија од 31 август 2020 година до 16 јануари 2022 година, а претходно и од 1 јуни 2017 година до 3 јануари 2020 година. Од 2005 до 2016 година бил градоначалник на општина Струмица, а претходно, од 2003 година бил пратеник во Собранието. По заминувањето на Бранко Црвенковски, Заев станал претседател на СДСМ во 2013 година.
Неговите родители потекнуваат од струмичкото село Муртино. Семејството живеело во селото, а кога Заев имал четири години се преселило во Струмица. Основното и средното образование Заев ги завршил во родниот град. Во 1997 година дипломирал на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде и магистрирал економија.
Тој и неговата сопруга Зорица Заева се познавале уште од основно училиште, а се венчале во 1995 година.
По дипломирањето во 1997 година, Заев ја започнал професионалната кариера кога бил вработен во трговското друштво на неговото семејство, „Тргопродукт“ од Струмица. Во 2001 година ја презел директорската функција во „Тргопродукт“, и истата ја извршувал до 2003 година. Од 1998 до 2003 година бил и член на управниот одбор на штедилницата „Пеон“ од Струмица, а од 2001 до 2003 година членувал и во управниот одбор на Индустријата за градежни материјали „Еленица“ од Струмица.
Од 2000 до 2003 година Заев бил претседател на управниот одбор на јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ – Струмица.
Заев се зачленил во Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во 1996 година.
Заев учествувал на парламентарните избори во 2002 година како кандидат за пратеник од листата на СДСМ од четвртата изборна единица, но не успеал да стане пратеник во Собранието. Сепак, кога во 2003 година престанал мандатот на пратеникот на СДСМ Ѓорѓи Спасов, кој бил именуван за амбасадор во Обединетото Кралство, Заев го наследил неговото пратеничко место како следен на листата. Мандатот на Заев како пратеник во Собранието престанал откако бил избран за градоначалник на локалните избори во 2005 година.
На локалните избори во 2005 година Заев победил како кандидат на СДСМ за градоначалник на општина Струмица.
На 17 јули 2008 година, Заев бил уапсен заедно со уште петмина соработници и бил осомничен за законски прекршувања при изградбата на трговскиот центар „Глобал“ во Струмица. Заев обвинил дека се работи за монтиран случај, политички прогон и обид за негов линч. Случајот бил затворен по аболиција од тогашниот претседател на државата Бранко Црвенковски.
Заев добил уште два мандати како градоначалник на локалните избори во 2009 и во 2013 година. Тој се повлекол од функцијата по парламентарните избори во декември 2016 година.
Заев бил назначен за вршител на должноста претседател на СДСМ во септември 2008 по одржаниот партиски конгрес. По завршувањето на претседателскиот мандат на Црвенковски во 2009 година, Црвенковски се вратил на чело на СДСМ, а Заев станал потпретседател на партијата. Во јуни 2013, Заев бил избран за претседател на СДСМ по оставката на Црвенковски поради лошиот изборен резултат на локалните избори во 2013.
Во првата половина од 2015 година Заев објавувал телефонски разговори за кои тврдел дека биле снимени од страна на УБК по нарачка на Никола Груевски и Сашо Мијалков како дел од прислушување на 20 илјади македонски граѓани. Истите биле основа за кривична истрага за злоупотреба на службената должност против водството на ВМРО-ДПМНЕ.
Поради објавување на снимките, Заев во април бил обвинет за насилство кон претставници на највисоките државни органи во случајот „Пуч“, а поранешниот разузнавач Зоран Верушевски и негови луѓе од МВР биле обвинети за обид за државен удар. Во текот на објавувањето на снимките, обвинителството отворило случај против Заев под името „Поткуп“, во кој Заев бил осомничен за примање поткуп од струмичкиот стопанственик Иван Николов од околу 164 илјади евра за добивање дозвола за изградба на црква.
Заев, како претставник на СДСМ, бил учесник во преговорите за надминување на политичката криза помеѓу водачите на најголемите македонски партии со странски посредници. Партиските водачи го потпишале Пржинскиот договор, во кој се предвидувало техничка влада за организирање предвремени парламентарни избори во 2016 и формирање на Специјално јавно обвинителство (СЈО) со цел да ги истражи наодите за криминал од објавените снимки.
Во април 2016 претседателот Ѓорге Иванов донел одлука за помилување на 56 лица опфатени во истрагите на СЈО, помеѓу кои Груевски и Заев, но подоцна одлуката за аболиција била повлечена поради притисок од домашната и меѓународната јавност. По изборите во декември 2016, Заев формирал парламентарно мнозинство помеѓу партиите на СДСМ, ДУИ, Беса и Алијанса за Албанците. На 17 мај 2017 тој станал мандатар откако Иванов му доделил мандат за формирање влада.
Прв премиерски мандат
Вечерта на 31 мај Собранието на Македонија со 62 гласа „за“ ја избрало Владата на Заев која ја сочинувале 25 министри. Прв чекор на неговата влада во надворешната политика бил потпишување на договор за добрососедство со Бугарија во август 2017. Во септември биле донесени законот за минимална плата од 12 илјади денари, законот за укинување на радиодифузната такса, а била вратена и евтината тарифа на струјата.
На локалните избори во 2017 партијата на Заев остварила убедлива победа со освоени 57 градоначалнички мандати и околу 420 илјади гласови на советничките листи. Во јуни 2018 г. бил потпишан Преспанскиот договор со што бил ставен крај на спорот за името помеѓу Македонија и Грција кој траел од независноста на Македонија.
Во септември бил одржан референдум на кој гласале 37% од лицата со право на глас, а од нив 91% или околу 610 илјади гласачи се изјасниле позитивно за договорот.
Поради неговите залагања за Договорот со Грција во средината на декември 2018 година Заев заедно со грчкиот премиер Алексис Ципрас бил номиниран за Нобеловата награда за мир за 2019 година од страна на добитничката на наградата во 2015 година, Тунижанката Уидед Бушамауи.
Втор премиерски мандат
По победата на коалицијата предводена од СДСМ на парламентарните избори во 2020 година, Заев продолжува да служи на премиерската функција откако успева да состави влада преку постизборна коалиција со ДУИ. До изборот на втората влада предводена од Заев на 31 август, Оливер Спасовски бил претседател на техничка влада согласно Пржинскиот договор.