Предлог-законот со кој се предвидуваа измени на субвенционираниот студентски оброк се повлекува од Собранието, откако истиот се најде на дневен ред на собраниската седница закажана за в среда.
За оваа идеја, повеќе политичари дадоа свој став, а меѓу нив е и пратеничката од коалицијата на СДСМ, Соња Михаиловска која застана на страна на студентите.
Објасни дека нејзиниот став е јасен, а тоа е да нема промена во критериумите за тоа кој студент може да добие студентски оброк.
Во продолжение нејзината објава:
Најголемиот адут на секоја земја се нејзините луѓе, особено нејзината помлада генерација, креативните студенти кои се стремат кон најдоброто, кои го заслужуваат најдоброто. Мораме да го унапредуваме нашиот образовен систем и квалитетот на живот на студентите, затоа што имаме обврска да им го овозможиме најдоброто што можеме. За да го направиме тоа, мора да ги поддржуваме и стимулираме, а не да им го земаме тоа што веќе им е дадено.
Студентите се нова енергија, млади и амбициозни, полни со знаење и желни за докажување и напредок – тие се иднината.
Гласот на студентите мора да биде слушнат, разбран и уважен! Затоа, измените на Законот за студентски оброк ќе бидат повлечени. Мое лично мислење е дека воопшто не треба да има измени во критериумите и стојам на тоа, верувам и многу други мои колеги пратеници. Закон кој се покажал дека е успешен, не треба да трпи промени!
Како и многу други, и јас сум била студентка во време кога моите родители останаа без работа, без никаква помош од државата, препуштени сами на себе, да се снаоѓаме како знаеме и умееме и затоа знам колку е добредојден секој денар во тешки моменти.
Факт е дека овие 2.400 денари значат многу за студентите и нивните семејства, особено сега во време на криза и никој нема право да им ги одземе!