Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија со крајно загриженост ја следи ситуацијата по последната трагична експлозија во Истанбул; во вонредна функција се ставени Генерален конзулат во Истанбул, како и Амбасадата во Анкара, соопшти попладнево МНР.
Силна експлозија, која турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја нарече „напад“, денеска одекна на преполна туристичка авенија во Истанбул.
Досегашниот трагичен биланс е шестмина загинати и 53-ца повредени.
„Информираме дека досега не се пријавени наши државјани кои побарале помош; притоа напоменуваме дека при евентуална потреба за помош нашите државјани може да нѐ контактират на дежурните телефонски броеви: +905456149777 во Истанбул и +38975273732 во Скопје“, се вели во соопштението од МНР.
Премиерот Димитар Ковачевски изрази сочувство за загинатите во експлозијата во Истанбул.
„Упатувам длабоко сочуство до братскиот турски народ, до семејствата на загинатите, до градоначалникот Екрем Имамоглу и претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, по денешната експлозија во срцето на Истанбул“, напиша Ковачевски.
Четири лица загинаа, а 38 се повредени во експлозијата што денеска се случи во најпознатата улица и пешачка авенија во Истанбул, Истиклал.
Како што јави турската телевизија НТВ, експлозијата се случила нешто по 16 часот по локално време, кога улицата била преполна.