По повод денешната експлозија во Истанбул, во која загинаа најмалку шест лица, се огласи и потпретседателот Фуат Октај кој изнесе нови детали.
Тој на почетокот рече дека „експлозијата најверојатно се случила по активирањето на бомба од бомбаш самоубиец и дека во овој момент властите веруваат дека се работи за женско лице“.
Шест лица ги загубија животите, од кои четворица на лице место. Најмалку 81 лице е повредено, а двајца пациенти се во тешка состојба“, објави Октај.
Потпретседателот рече дека обвинителите се на терен и дека истрагата се уште е во тек.
„Кој стои зад овој напад ќе биде уапсен и казнет. Ова веќе не е стара Турција и тоа треба сите да го знаат. Овој инцидент ќе го решиме многу брзо, кој и да стои зад него ќе одговара“, рече потпретседателот.
Силната експлозија одекна околу 14:20 часот (наше време) на популарната пешачка авенија Истиклал на Таксим.
Меѓу повредените има и српска државјанка од Ниш кој како турист била во посета на овој град, дознава Телеграф.
Таа е во стабилна состојба, но ќе биде оперирана, бидејќи шрапнели и го повредиле рамото.
Претходно за оваа експлозија зборуваше и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Во обраќањето во живо, тој рече дека чувствува „мирис на ужас“, но официјално не објави што ја предизвика страшната експлозија која однесе многу животи. Како што рече, најновите информации за инцидентот на Таксим ги дознал од гувернерот на Истанбул.
Наведе и дека првите индиции се дека во нападот учествувала жена, односно дека имала значајна улога во злосторството, пишува Хабертурк. Ердоган посочи и дека народот треба да биде сигурен дека сторителите ќе бидат изведени пред лицето на правдата.