Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски преку социјалните мрежи упати критики кон насилниците но и побара одговор од надлежните во МВР по синоќешниот немил настан во Куманово.
„Кој се обидува да го наруши соживотот во Куманово и дали оваа е само изолиран инцидент? Дали концертите кои пред пет дена го наполнија плоштадот со млади Македонци, Албанци, Срби, Роми, Турци, Власи, Бошњаци, Црногорци и други можеби вознемирија поедини политички субјекти и самопрогласени авторитети, па навлегуваат во веќе видени сценарија? Чекам одговор од Спасовски, Ковачевски и Ахмети?“, напиша Димитриевски.
Полицијата го реши случајот со нападот на двете момчиња од страна на 15 маскирани лица вчера во Куманово, пренесува Алсат.
Неофицијално Алсат дознава дека биле откриени сите членови на групата и биле повикани на информативен разговор во полициска станица.
Станува збор за жители на различни делови на Куманово за кои постојат информации дека се членови на тамошна позната навивачка група. Според информациите, тие признале дека учествувале во нападот врз двајцата млади Албанци.
Засега не се знае мотивот за тоа, ниту пак за евентуалните мерки од полицијата.