Наскоро ќе имаме зголемување на минималната плата. Сегашните 300 евра се премалку за задоволување на потребите.
„Веќе во март следната година ќе имаме ново зголемување на минималната плата и ново покачување на пензиите“, изјави денеска пратеничката од СДСМ Даниела Колева на прес-конференција во Собранието.
Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во септември 2022 година, изнесувала 32.553 денари.
Од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) велат дека за една година за 16.940 денари пораснала вредноста на синдикалната минимална кошничка. 51.514 денари се потребни на едно семејство за да го помине месецот. И во регионот, дел од земјите најавија зголемување на минималецот.
Предлог државниот буџет кој од денеска е на комисиска расправа во Собранието е досега најтешка и предвидува повеќе пари за плати и пензии, социјални трансфери, капитални инвестиции.
Експертите не се изненадени што буџетот е рекорден. Тоа, велат, е очекувано, посебно во период на криза и висока инфлација, за нив е проблематична доминантно социјалната компонента, но ако се земе предвид енергетската и економска криза тоа е оправдано.
Власта и опозицијата по обичај гледаат со различна диоптрија. Според едните буџетот нуди развој и фискална консолидација, другите пак критикуваат за план за расипништво кој нема да им донесе ништо добро на стопанството и граѓаните.
Вкупните приходи на Буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година се планирани на ниво од 282,1 милијарда денари и се за 14,8 отсто повисоки во однос на 2022 година, додека расходите се планирани на ниво од 324,8 милијарди денари или за 12,6 проценти повисоки во однос на 2022 година.
Како што рече денеска министерот за финансии Фатмир Бесими, кој ги образложи предвидените проекции пред собраниската Комисија за финансирање и буџет, буџетскиот дефицит е планиран на ниво од 4,6 отсто од планираниот БДП или 42,7 милијарди денари.
Според Бесими, вкупните расходи се планирани во износ од 324,8 милијарди денари што е за 36,3 милијарди денари повеќе во однос на Буџетот за 2022 година.