Откако во петокот е извршена ексхумација на телото на починатото 25 годишно момче од Берово, на Институтот за судска медицина завршена е и постапката за обдукција, но во тек се анализите за утврдување на точната причина за смртта, информираат од Установата. Предмет по допрен глас отвори и обвинителството.
– Согласно наредбата на јавниот обвинител, ексхумацијата е извршена и во тек е обдукција на телото на починатото лице со цел да се утврдат причините за смртта, како и евентуалната причинско-последична поврзаност меѓу извршените медицински интервенции и смртниот исход. По добивање на вештиот наод, надлежниот јавен обвинител ќе донесе одлука за натамошниот тек на постапката, велат од обвинителството.
Во меѓувреме, се уште трае инспекцискиот надзор на ДСЗИ во установите каде било третирано момчето. Медицинските извештаи биле прегледани само во Клиничката болница во Штип, денеска инспекторите ги проверуваат документите на КАРИЛ каде пациентот почина за неполни 24 часа по приемот, а ќе се проверува како го лекувале и матичниот лекар и стоматолог, како и беровската итна медицинска помош.
Инаку стручната комисија за овој случај формирана од министерот Беким Сали прво ќе чека да заврши надзорот од ДСЗИ, па ке проверуваат дали нивните колеги правилно го лекувале момчето.
Кои лекари ќе прават ревизија на случајот од министерството не откриваат.
25 годишникот почина во средата откако пред 10-тина му била правена интервенција на заб.
На социјалните мрежи деновиве беше објавен повик финансиски да му се помогне на семејството
„Почитувани роднини, пријатели, другари, познаници,
По повод смртта на сега починатиот Јован Димовски (25) од Берово, кој почина на 24.08.2022 на Клиниката за анестезија и реанимација КАРИЛ во Скопје поради сепса предизвикана од вадење на заб, и истиот беше погребан во Берово наредниот ден на 25.08. 2022 г. Семејството на Јован, мајката Снежана и братот Александар во овие тешки денови за нив, се исправени уште пред безброј тешки предизвици, односно борба за докажување на вистината за причината за смртта на младиот Јован, а воедно и справување со отежнатите услови за егзистенција.
Александар и Јован Димовски (сега починат) уште пред своето полнолетство остануваат без едниот родител – татко кој починува во Италија. Поради трошоците за пренесувањето на телото и погребот, семејството останува со незавиден финансиски товар што го чувствуваат до денешен ден. Во меѓувреме мајката останува без работа, а загубата на Јован кој по смртта на таткото ја превзема улогата на глава во семејството, е ненадоместлива. Но, мајката и братот имаат потреба да ја бараат и дознаат вистината за смртта на саканиот син и брат. Патот кој треба да го поминат за таа цел е полн со институционални пречки и обврски пред се од финансиска природа. Во врска со случајот, Јавното обвинителство во Штип отвори и предмет на истрага. Од тие причини, а највеќе за тоа дека вистината мора да излезе на виделина и секој што има вина да понесе одговорност.
Ве замолуваме согласно можностите секој од нас да донираме парични средства за помош на семејството“, стои во описот.
Ако сакате да донирате кликнете ТУКА.
Стручниот лекар Ѓорѓи Ивановски со статус, кој открива многу непознати работи за јавноста:
Пред некој ден сите не затекна веста за прерано згаснатиот живот на момчето од Берово поради компликација од инфекција од забно потекло т.н. одонтогена инфекција. Нека почива во мир!
Многу одамна немам пишувано статуси, меѓутоа поради бројните бесмислени факти и непотребните напади кон целата фела кои ги прочитав низ медиумите и социјалните мрежи, како стручно лице и иден орален хирург чувствувам одговорност да ви разјаснам некои работи, за да не бидете во заблуда околу начинот на кој настануваат ваквите компликации.
Одонтогените инфекции почнуваат со инфекција на забната пулпа (нерв, живец) или потпорниот апарат на забот. Во оваа фаза со лекување на забот може да се задржи и да се превенира продор на инфекцијата во околните ткива.
Доколку оваа состојба не се третира, следува продор на инфекцијата во коската околу забот.
Во оваа ситуација исто преку соодветна дренажа преку забот или пародонталниот џеб, истотака може да се превенира продор на инфекција и да се спаси забот. Доколку не се третира оваа состојба, коската сè повеќе се разложува и инфекцијата може да се прошири надвор од коската во мекоткивните простори околу забот, што се манифестира со оток во меките ткива околу забот.
Во овој момент со инцизија (мал рез на местото на најголем оток), дренажа(поставување на гумена лентичка во инфицираниот предел, за непречено да истекува содржина во наредниот ден-два, плус дренажа низ заб) и ординирање на антибиотска терапија, се очекува инфекцијата да се повлече. После повлекување на инфекцијата забот најчесто се вади.
Доколку оваа состојба не се третира инфекцијата се шири во соседните подлабоки мекоткивни простори,под дејство на гравитацијата од долна вилица најчесто према вратот и градниот кош и веќе имаме потенцијално животозагрозувачка состојба, поради близината на многу витални структури и органи и компромитирање на дишните патишта. Овие длабоки инфекции почесто се случуваат кај пациенти со нарушен имунитет, пример прекумерната тежина може да биде причина за имунокомпромитација.
Кај пациенти со здрав имунитет често организмот сам може да ја ограничи инфекцијата уште во фазата кога се наоѓа во коската. Во овие фази инфекцијата може да се манифестира како апсцес или флегмона. Апсцесот е ограничен и исполнет со гнојна содржина и го прави полесен за дренажа, додека флегмоната се шири дифузно низ сврзното ткиво и ја прави дренажата е многу потешка. Кај флегмоната отокот е тврд како даска.
На сликата од статусот е прикажана инфекција во вратна регија.
Бесмислица бр.1 Дечкото починал од обична интервенција на заб.
Оваа интервенција воопшто не била обична и рутинска! Според извештајот кој беше прикажан во медиумите, момчето било примено во болница со дијагноза флегмона во вратна регија, која е веќе потенцијално животозагрозувачка состојба и не настанала туку така за еден ден. Впрочем и затоа бил задржан првиот пат во болницата. Инфекциите во рана фаза се третираат рутински и лесно. За обични и рутински интервенции пациенти не се хоспитализираат!
Бесмислица бр.2 Докторот го ставил дренот наопаку
Дренот без разлика на материјалот од кој е изработен, претставува лента или некогаш цевче кое има два исти краја и не може да се постави наопаку. Неговата цел е да го држи отворен отворот направен со претходната инцизија и ќе овозможи истекување на содржината од отокот и навлегување на кислород од надворешната средина со што ќе настане промена на типот на бактериската флора кон аеробна, со што би се олеснил текот на инфекцијата.
Бесмислица бр.3 Со поставувањето на дренот наопаку докторот предизвикал сепса или коментари дека инструментите не биле чисти.
Мислам дека доколку го прочитавте текстот до овде веќе сфативте дека се работело за веќе присутна сериозна инфекција во опасна регија и мислам дека нема потреба да ви објаснувам повеќе.
Не го пишувам ова за да одбранам или напаѓам некого, но посебно медиумите мора да бидат посебно внимателни во објавувањето на информации, бидејќи со такви бесмислени тврдења обвинувате од старт некој кој можеби и не е виновен. Во одредени студии постојат различни бројки и стапката на смртност од вакви компликации движеше од 0.2 до 8%.
Најчеста појава на смрт е забележана кај пациенти со нарушен имунитет и дополнителни коморбидитети. Со вакви бесмислени информации, воопшто не помагате, туку предизвикувате дополнителен страв од стоматолог кај луѓето, што може да доведе до повеќе вакви тешки инфекции и компликации.
Не сакам да навлегувам во темата за квалитетот нашето здравство, која е доста опширна. Меѓутоа не може поради револт од претходно, да се пласираат лажни информации, кои обичните луѓе ги доведуваат до заблуда и создаваат дополнителна недоверба према лекарите.
Апелирам до сите пациенти, редовно одете на контроли и не ги третирајте инфекциите на своја рака во домашни услови!
Во овој текст многу на кратко ви објаснувам за одонтогените инфекции и не го сфаќајте како прирачник, бидејќи секој пациент е приказна сама по себе. Доколку некој има потреба дополнително да му се објасни слободно може да ме контактира и праша.