Скопје е главен град на државата, како таков, уште како мал сум го замислувал како нешто посебно. Јас сум од помал град кој има околу 10-15 илјади жители. Варира и околу празниците е полно, но инаку нема „жива душа“.
Како студент заминав во Скопје, не беше лесно, но сакаш да го живееш тој живот. Се бориш, се трудиш да успееш. Иако е тешко, со мал буџет од домашните, кои даваат се што имаат, но толку имаат… Нејсе, се бориш и успеваш. Застануваш на цврсти нозе. Не е лесно, но студиите како така ги поминуваш и конечно дипломираш – исполнета е целта поради која си во Скопје.
Дојде моментот кога требаше да одлучам: Се враќам назад или останувам во Скопје, каде повторно ќе треба да се борам, сега во нов предизвик, барање на стабилна работа, загарантирано живеалиште и топол дом и така натаму.
Сето тоа го размислував и додека студирав, па одлучив: Ќе останам во Скопје. Од тука ќе се борам за себе, но и за подобро утре на сите. Се вработив на добра позиција, со можам да кажам некоја солидна плата, при што плаќањето кирија ми беше најголем проблем односно многу од финансиите се прелеваа на тоа.
Во мојот роден крај, како што верувам и сите други и нашата фамилија имаше имот, дел се користеше, а дел не, особено нивите, шума и слично. Во градот има луѓе кои секогаш се заинтересирани да го откупат тоа. По консултации со моите, се одлучивме да продадеме добар дел од нашиот имот, а со тие пари да уплатам за стан, додека остатокот да го плаќам на рати.
Оваа одлука верувам беше пресудна. Не беше лесна, но таа значеше дека и дефинитивно јас останувам да живеам во Скопје и да станам скопјанец. Полека се навикнував на тој начин на живот, се помалку си одев во родниот крај. Немав потреба, но ниту време. Работа, дружба со пријатели, одмор. Тоа беше некоја рута која секојдненвно ја поминував.
Моментално сум во сериозна врска, со девојка од Скопје, која е родена тука. Многу ја сакам и веројатно тоа е причината поради која во последниот период од неколку месеци се гушам. Сега сум на раскрсница, од која за брзо време мора да одлучам кој пат да го фатам.
На едната страна е мојата девојка, која не сака да замине од Скопје и да се врати во мојот град, додека од друга страна е моето родно место. И јас го избрав второто, верувале или не. Тоа е мојата одлука.
И не е тоа поради тоа што многу го сакам мојот роден крај, тоа е поради тоа што го МРАЗАМ Скопје. Од денес и дефинитивно не се гледам во овој хаотичен град, во овој град кој е пред голем колапс, секаков вид на колапс.
Она што денес го преживеав во Скопје, таквите гужви, таквите луѓе кои живеат околу мене, не сакам да живеат во иднина и околу моите деца. Затоа пресудив, се враќам во моето село, затоа што е подобро од најголемото село во државата – Скопје.