Вучиќ: И да се јават Бајден, Ердоган и Путин, ЏАБЕ Е – јас одлучив и така ќе биде

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави денеска дека, без оглед на оптимистичките изјави на некои европски претставници, во моментов не гледа решение за регистарските табличките на Косово. Тој порача и дека нема да има Еуропрајд и дека оваа одлука не може да се смени, јави дописиникот на МИА од Белград.

-Европските политичари (Жозеп Борел) се многу попаметни и посериозни од мене и не мора да бидат „намќори“ како мене и да имаат оптимистичко сценарио во главата. Во моментов не гледам никакво решение и на 1 септември тие ќе одат со својата кампања и ќе се обидат да ги натераат Србите да ги сменат табличките. Мислам дека нема да бидат многу успешни во тоа, истакна Вучиќ.

Тој кажа дека Албин Курти во Брисел рекол дека верува оти ќе биде голем успех доколку Србите ги заменат КМ табличките со РКМ.

-Тоа е процес кој ќе продолжи, ние секако се соочуваме со овој проблем од 1 септември, тоа нема можност да се реши пред 1 септември. Но, треба да почекаме и да видиме, очекувам важни разговори по Отворен Балкан и посетата на Ердоган. Ќе имаме многу посредници кои ќе дојдат од Европа и светот, но во моментов не гледам можност за напредок бидејќи Приштина нема желба да разговара за рационални и компромисни решенија, рече Вучиќ.

Вучиќ кажа дека е донесена одлука Европрајд да не се одржи и дека тоа нема да се менува.

-Само што донесовме одлука да не ја одржиме парадата. Бајден може да ме повика мене или Брнабиќ, кого и да е, може да се јават Путин или Ердоган, нема да има промена во одлуката, подвлече Вучиќ и додаде дека државата не е среќна со забраната за тој собир и посочи дека државата сега има поважни проблеми, како Косово и енергетиката.

„Кога ги имате сите овие проблеми и притисоци околу воведувањето санкции против Русија, а знаеме во нашиот пример дека тие не носат ништо добро бидејќи ние бевме жртви на тие санкции. Кога го имате сето ова, политичката сцена станува се повеќе екстремна, опозицијата сака да протестира затоа што ќе се забрани прајд, други протестираа затоа што не е забранет. Сите протестираат против државата“, нагласи Вучиќ.

Тој на прашањето како ќе се однесува Србија во наредниот период со оглед на големиот притисок за воведување санкции кон Русија, одговори дека Србија за тоа се огласила пред речиси 190 дена на основа на одлуката на Советот за национална безбедност и истакна дека во овој момент воопшто не се размислува за промена на оваа политика.

-Мислам дека испадна паметна политика што ја водиме без оглед на сите тешкотии и притисоци. Некои би рекле дека може да се сними петпарачки филм кога би се напишало кога ќе кажам низ што се поминавме од притисоците во врска со санкциите. Тоа би било по обем на Марксовиот „Капитал“, истакна тој.

С. Македонија, Србија и Албанија заеднички во борба против енергетската криза

Солидарноста и соработката во моменти на енергетска криза, подготовките за претстојната зимска сезона, реализацијата на заеднички проекти во изградбата на енергетската инфраструктура и зајакнувањето на регионалната енергетска безбедност се клучни задачи за сите земји членки на иницијативата „Отворен Балкан“, се согласија претставниците. на Министерството за рударство и енергетика на Србија, Министерството за инфраструктура и енергетика на Албанија и Министерството за економија на Северна Македонија на денешната онлајн средба.

На средбата се разговараше и за подготовка на заеднички, регионален кризен план, можности за складирање на енергија, особено гас, балансирање на електрична енергија, како и за создавање заеднички фонд за финансирање идни проекти кои се од големо значење за сите три земји.

Средбата претставува продолжение на разговорите од Тирана на крајот на јули, кога министрите на Албанија и на С. Македонија ја прифатија иницијативата на потпретседателот на Владата на Србија и министерот за рударство и енергетика, Зорана Михајловиќ, за потребата од формирање заедничка работна група за соработка во енергетската криза и за стратешки проекти во рамките на „Отворен Балкан“.

На денешниот состанок на заедничката работна група се разговараше за можностите за реализација на конкретни проекти, пред се во однос на соработката во текот на зимската сезона, имајќи го предвид растот на цените на европските пазари, како и новите енергетски капацитети со користење ОИЕ, изградба на гасни интерконекции и капацитети во идниот ЛНГ терминал во Албанија, како и поврзување во високонапонската мрежа.

Додик чека вистински момент за да ја прогласи независноста на Република Српска

Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик потврди дека отцепувањето на Република Српска му е најважна цел што се обидува да ја оствари и само го чека вистинскиот момент кога ќе го реализира тоа.

– Јас сум вечен стражар по ова прашање. Токму сега знам за некоја констелација на односи што може да се совпадне во светот, Европа, Америка. Доколку тоа се случи, истиот миг ќе прогласам независност, додаде Додик во интервју за УНА.

Тој, како што појасни, стравува само од тоа да не го „преспие“ вистинскиот момент за отцепување на Република Српска од Босна и Херцеговина, а сегашната стратегија му е да покаже трпение за да избегне можна реакција на Западот на своите планови.

Додик се пофали со одржувањето добри односи со рускиот претседател Владимир Путин, кинескиот Си Џинпинг, турскиот Реџеп Тајип Ердоган, како и со унгарскиот премиер Виктор Орбан, сугерирајќи дека тие му се можни сојузници во спроведувањето на сецесионистичките планови.

За тоа на крај да се оствари, според него, важно е да не се дозволи на изборите во октомври да победи опозиција што би го тргнала од власт.

– Не смее да се дозволи да дојдат на власт западни фаворити. Тие веќе сметаат на опозициски кандидати, тврди Додик, нагласувајќи оти сега веќе целосно е уверен во победата на 2 октомври.

Тој одлучи на изборите да биде кандидат за претседател на Република Српска, а актуелната претседателка на ентитетот Жељка Цвијановиќ ја издвои како кандидатка за член на Претседателството на Босна и Херцеговина.

Србија донесе препораки за заштеда на струјата за 15 отсто

Министерството за рударство и енергетика на Србија денеска донесе препораки до државната администрација, единиците на локалната самоуправа, државните претпријатија, стопанството и домаќинствата да ја намалат потрошувачката на струја и топлинска енергија, со што треба да се овозможи намалување на потрошувачката на енергија за 15 отсто во однос на истиот период лани, јави допсиникот на МИА од Белград.

Како што соопштија од ова министерство, кога станува збор за домаќинствата, предложените препораки се однесуваат на порационално користење, пред се на електричната енергија, а во препораките се предлагаат меѓу останатото и гаснење на светлата, ефикасните начини за користење на бојлерите, веш машините, грејните тела, начините за ефикасно готвење и други.

Кога станува збор за локалните самоуправи, органите на државната управа, државните претпријатија, јавните установи и стопанството, предложените препораки се порационално користење на јавното осветлување, ограничување на употребата на декоративното осветлување на јавните објекти, користење ЛЕД осветлување, замена на дрвенаријата и генерално подобрување на енергетската ефикасност, поставување соларни панели, префрлување од електрично греење на друг тип на греење и користење топлински пумпи, што треба да овозможи намалување на потрошувачката на енергија за 15 отсто во однос на истиот период лани.

Од ова министерство предлагаат препораки до сите јавни претпријатија да направат план за заштеда на потрошувачката, а ЈП во енергетскиот сектор да направи планови за намалување на загубите во дистрибутивната и преносната мрежа.

error: Content is protected !!