Јапонија беше едно од најпријатните изненадување на Светското првенство, но нивниот настап заврши денеска и тоа со пораз од пенал рулетот од Хрватска.
Јапонците први дојдоа до предност, Хрватите во вториот дел израмнија и со тој резултат 1-1 заврши регуларниот дел, продолженијата за да при ударите од 11 метри херој на „коцкестите“ биде голманот Ливаковиќ.
Овој резултат секако донесе разочарување кај „самураите“ кои да не заборавиме на овој турнир ги добија Германија и Шпанија. Меѓутоа реалноста е таа, тие ги пакуваат куферите и одат дома, а пред тоа да го направат селекторот Хаџиме Моријасу имаше еден потег со кој ги освои срцата на фудбалските фанови.
Тој се поклони и им се заблагодари на сите луѓе кои дојдоа им дадоа поддршка во Катар.
Модриќ: Не можеме без драма…
Хрватска ја мина првата нокаут пречка на Мундијалот и обезбеди место во четвртфиналето во кое ќе ги одмери силите со Бразил.
„Коцкестите“ мораа да играат продолженија, а потоа и пенали за да ја добија Јапонија и го остават жив сонот на светска титула која за малку им побегна на претходниот собир во Русија.
-Изгледа дека не можеме без драма. Многу сме среќни што сме во четвртфиналето, ова беше многу тежок натпревар против многу непријатен тим кој ги победи Германија и Шпанија. Не одигравме на нивото што го знаеме, но сепак создадовме две-три добри шанси во првото полувреме и ако први поведевме, можеби играта ќе одеше во подобра насока за нас, -рече капитенот Лука Модриќ кој го пофали голманот Доминик Ливаковиќ.
-Покажавме карактер и се вративме од негатива и стигнавме до пенал серијата во која „Ливи“ беше чудо. Секоја чест, не однесе во четвртфиналето. Влеговме доста добро во натпреварот, кон крајот на полувремето не бевме вистински, но во вториот дел се договоривме да го промениме начинот на игра и да се обидеме со центаршутеви, -додаде ветеранот.