Македонија со нова донација за Украина – Ветровки, џемпери и ќебиња
Од почетокот на воениот судир помеѓу Украина и Русија, Македонија одлучи преку разни донации да им помогнеме на Украинците.
На почетокот беше донирана воена опрема, тенкови, опрема и слично. Денес од Владата има одлука за нова донација.
Владата на Република Северна Македонија донесе Одлука за донација, за Министерството за одбрана на Украина.
Станува збор за зимска опрема: ветровки и џемпери, како и ќебиња – донација од Министерството за одбрана на Република Северна Македонија.
Унгарија ја блокира помошта на ЕУ за Украина
Унгарија денеска на состанокот на министрите за финансии на земјите-членки на ЕУ ја блокираше макроекономската финансиска помош за Украина во износ од 18 милијарди евра, во обид да ѝ се одобрат средства од кохезионите фондови и механизмот за закрепнување од пандемијата, додека чешкото претседателство го симна целиот пакет од дневен ред.
Чешкото претседателство планираше да се гласа за пакет одлуки кои вклучуваат договор за минимална стапка на корпоративниот данок, макроекономска помош за Украина, замрзнување 7,5 милијарди евра за Унгарија и одобрување на унгарскиот национален план за закрепнување и отпорност.
Откако Унгарија одби да даде согласност за макроекономската помош за Украина, чешкото претседателство одлучи да го тргне целиот пакет од дневниот ред. „Не можевме да го усвоиме пакетот како целина, но не сме обесхрабрени. Нашата амбиција и понатаму е да почнеме да плаќаме помош за Украина во јануари“, изјави чешкиот министер за финансии Збинек Стањура.
Сега се разгледува можноста за свикување вонреден состанок на министрите за финансии, некои го споменуваат следниот понеделник, 12 декември. Доколку ситуацијата ескалира, не е исклучена можноста прашањето да се најде на дневен ред на самитот на лидери на ЕУ на 15 и 16 декември.
Комесарот за буџет Јоханес Хан рече дека Комисијата ќе се обиде да најде решение за Украина до следниот месец, можеби преку механизмот за засилена соработка, што е еден од начините да се избегне вето. Но, во тој случај земјите-членки треба да дадат гаранции во своите национални буџети, а за тоа во некои држави е потребна одлука на нивните парламенти, за што е потребно време.
Одлуката за предлогот за замрзнување на средствата на Унгарија треба да биде донесена најдоцна до 19 декември. Комисијата предложи на Унгарија да ѝ се суспендираат 65 отсто од средствата од три оперативни програми во рамките на кохезионата политика, во износ од 7,5 милијарди евра.
Во исто време, Комисијата предложи да се одобри унгарскиот национален план за опоравување и отпорност, кој е финансиран од посебна програма дизајнирана да се справи со последиците од пандемијата, но исплатата на средствата да биде условена со спроведување на 27 клучни фази од планот.
За одлуката за замрзнување на 7,5 милијарди евра во рамките на новиот механизам според кој користењето на средствата од европските фондови е условено со почитување на владеењето на правото, потребно е квалификувано мнозинство, што значи за тоа мора да гласаат најмалку 15 земји-членки, кои сочинуваат 65 отсто од вкупното население на ЕУ.
Според дипломатски извори, Франција и Германија се обидуваат да ја намалат сумата што би била замрзната, со образложение дека Унгарија во меѓувреме спровела некои реформи. Некои земји од Централна и Источна Европа исто така не се согласуваат со замрзнување на средствата, а тоа може да значи дека нема потребно квалификувано мнозинство за одлуката.
Многумина посочуваат дека би била целосна катастрофа доколку првиот обид за користење на механизмот за условување не го добие потребното квалификувано мнозинство бидејќи тоа би значело пропаст на огромните напори вложени за тој механизам, чија цел е да се спречи отстапување од демократските стандарди и вредности, воопшто да се усвои.