Болниците во Македонија полни со деца заразени со вирус: Не пуштајте ги децата на училиште доколку имаат вакви симптоми






Респираторниот синцицијален вирус ги „преплави“ болниците со мали пациенти. Болничките капацитети се веќе преполни, како во Болницата „Козле“, па така и на Клиниката за детски болести – Скопје. Најкарактеристични симптоми се кашлање, секрет од носот и кивање. Најпогодени од респираторниот вирус се бебињата, вели за ТВ21 педијатарот Фитим Реџепи.




„Станува збор за вирус кој најмногу ги заразува бебињата од вториот до шестиот или осмиот месец. Го зафаќа долниот дел на респираторниот тракт, предизвикувајќи кашлање, секрет од носот и кивање, а во потешки форми имаме и отежнато дишење. Детските болници, и во Скопје и во Тетово се преполни со деца со исти симптоми. Главно пренесувањето на овој вирус се прави преку воздухот, кашлањето, кивањето, секрет на респираторниот тракт, а носењето маски што беше и за време на пандемијата исто така може да биде заштитна мерка за овој вирус“, вели Фитим Реџепи.




Со цел да се спречи ширењето, доколку забележите дури и поблаги симптоми, не ги праќајте децата во градинки или училишта, порачува Реџепи. Како превентивна мерка, препорачува да се консумираат повеќе течности и витамини.




„Неодење на училиште доколку имаме болни деца, за да не ги заразиме и другите, доволна исхрана со витамини и консумирање течности, супортивен третман со антипиретици, добро проветрување на просторите, оптимална температура или добро греење, би влијаело позитивно во спречување на вирусот“, вели Фитим Реџепи.




Инаку, иако во повеќето случаи синцицијалниот вирус е лесна болест со симптоми слични на настинка, може да се претвори во сериозен проблем и да бара хоспитализација, особено кога станува збор за бебиња помали од четири месеци и деца со хронични заболувања, предупредуваат лекарите. Вирусот може да резултира со развој на бронхиолитис, односно воспаление на дишните патишта на белите дробови, предизвикувајќи отежнато дишење, особено при издишување, а може да доведе и до пневмонија.




Извор: ТВ21

error: Content is protected !!