Ретко и неизлечиво невролошко пореметување е дијагностицирано на канадската пејачка Селин Дион (54), поради што нејзините мускули се стегаат без контрола. Пореметувањето, кое погодува еден во милион, со тек на време доведува до состојба на т.н. „човечки статуи“ кај луѓето, бидејќи напредува прогресивно и го укочува телото, па оние кои ја имаат состојбата не можат да одат или да зборуваат.
Иако не постои лек за СПС (Stiff-person Syndrome – Синдром на укочена личност), сепак, има начини за забавување на напредокот, а пејачката вели дека прави се што знае и умее за ублажување на симптомите.
Таа ја обелодени лошата вест преку својот Инстаграм канал, истакнувајќи ја како причина и за откажување на планираната европска турнеја.
Откри дека подолго време се соочува со здравствениот проблем, меѓутоа наведе и дека понекогаш има потешкотии за чекорење и користење на гласните жици.
„Неодамна ми беше дијагностицирана ретка невролошка болест наречена „Синдром на вкочанета личност“, која погодува еден од милион луѓе. Иако сè уште учиме за оваа ретка болест, сега знаеме што ги предизвикува грчевите што ги имав“, вели таа.
Со оглед на тоа дека болеста е ретка, многумина не знаат за што точно се работи. Се карактеризира со мускулна вкочанетост на трупот и екстремитетите, како и зголемена чувствителност на бучава, стрес и допир, кои предизвикуваат грчеви во мускулите.