МВР не спие: Некои од трагите за заканите за „подметнати“ 6ом6и водат до неколку земји од кавкаскиот регион









Пораките во дојавите за поставени бомби се идентични во сите земји во регионот кои се сооочија со овие закани, шемата дека главно заканите се интензивираат во среда, четврток и петок, како и двата откриени сторители за кои е покрената постапка за основано сомневање дека испратиле имејл пораки со закани за поставени експлозивни направи, се првите индиции дека истрагата за овие загрижувачки појави дава резултати.




Дали е тоа навистина така и дали има и друг напредок во истрагата? Дали се оправдани изјавите во јавноста и во медиумите дека МВР не прави доволно и дека не ги презема сите средства за откривање предизвикувачите на овие закани?




ЦивилМедиа за овие важни прашања побара одговори од МВР и на средбата со високи претставници на соодветните служби во министерството ни беа презентирани информации кои говорат дека перцепцијата во јавноста дека полицијата не делува, или не делува ефикасно, не се точни.

Утврден е протокол за брзо известување меѓу МВР и средните и основните училишта, како и со другите државни институции и приватни компании кои се препознаени како цели за овие закани.




Ова е особено важно за брза реакција на припадниците од Одделот за сузбивање на организиран криминал и тероризам претставуван преку Секторот за борба против тероризам, со поддршка на униформираната полиција кои соодветно на протоколите за вакви ситуации ја спроведува безбедната евакуација по што следуваат антитерористички проверки и мерки за откривање на евентуални подметнати експлозивни направи.




Нашите соговорници во МВР велат дека проверките се детални без разлика за колку дојави и за колку објекти се работи и без разлика на тоа за колку тие објекти се сложени за проверки како што се аеродроми, хотели, трговски центри и слично. Ќе биде посветено толку време, колку што е потребно додека целосно не завршат проверките, велат од МВР.

Она што е исто така факт е дека овие дела, заканите со бомби, се во судир со членот 313 од Кривичниот законик според кој „Тој што со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на Република Македонија ќе предизвика или сериозно ќе се закани со предизвикување експлозија, пожар, поплава или друго општо опасно дејствие или акт на насилство, создавајќи чувство на несигурност или страв кај граѓаните, ќе се казни со затвор од најмалку десет години“.




Во МВР остануваат на ставот дека, иако досега сите дојави се лажни, по секоја таква во иднина ќе се постапува според строго дефинираните протоколи без исклучок. Искуствата ќе покажат дали има простор за унапредување на овие протоколи, секако исклучително во насока на поголема сигурност на граѓаните и општеството, велат нашите соговорници во МВР.

Тоа е она што е видливо и само дел од активностите на повеќето сектори во министерството, во коешто Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика има посебна и засилена активност во овој период.




Тие активности можат да се поделат на превентивни и на таргетирани активности. Овие вторите, таргетираните, се сет од оперативни активности и мерки насочени кон откривање на сторителите на овие кривични дела.

Една од тие активности е редовното прибирање, анализа и споредба на сите дигитални траги што ги оставаат мејловите преку кои пристигнуваат дојавите за бомби. Оваа оперативна активност вклучува и детална претрага за тоа каде се појавува мејл адресата на „дојавувачот“ која вклучува пребарувања на сите отворени извори на интернет, веб страници, форуми, и други интернет платформи, како и трагите на тој мејл на социјалните мрежи за да се утврди конечниот извор, или сопственик на таа мејл адреса откако ќе бидат исфрлени сите ризици за погрешна идентификација.

Соработката со Гугл дава резултати
Во МВР ни потврдија дека Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, меѓу другото, воспостави тесна и секојдневна соработка со повеќе провајдери на услуги за електронска пошта, од кои најфреквентна е комуникацијата со Гугл (Google), со оглед на фактот дека најголем број, повеќе од 90% од мејловите со закани за поставени бомби, пристигаат со екстензијата @gmail.com.

Оваа соработка меѓу Гугл и МВР вклучува активирање на алатката „Барање за откривање на информации за сопственикот на Гугл сметка во итни случаи“ (Emergency Disclosure Request), преку која до МВР, во најбрз можен рок пристигаат информации за корисникот на соодветната сметка за која е доставено ова барање кои ги содржат и АјПи (IP) адресата од која што е испратен мејлот и времето на логирање.

Многу важно е тука да се напомене дека употребата на оваа алатка за откривање на информации за сопственикот на Гугл сметка, Гугл ја одобрува само откако ќе добие максимално уверливи аргументи и докази дека станува збор за барање доставено од релевантни владини или државни институции и тоа под строго утврдени услови за оваа услуга кои ја гарантираат приватноста и заштитата на податоците на сопствениците на Гугл сметките.

Благодарение на оваа соработка, МВР се стекнува со доволно информации кои кога ќе бидат ставени во обработка низ нивните оперативни постапки, добиваат прилично прецизни насоки за откривање на сметките од кои пристигаат заканите.

Да повториме, во овој случај станува збор за акаунти креирани на мејл сервисот на Гугл, но како што веќе беше кажано претходно, повеќе од 90% од мејловите со закани за поставени бомби, пристигаат со екстензијата @gmail.com.

Така беа затворени од страна на МВР двата откриени случаи со закани за поставени бомби во Скопје и Кавадарци. Во однос на случајот во Кавадарци, министерот Оливер Спасовски истакна дека случајот бргу ќе се затвори, а ЦивилМедиа дополнително дознава дека осомничениот за дојавите во овој град испратил мејлови со закани за двете училишта кои беа евакуирани.

Целиот текст на ЦИВИЛ МЕДИА – клик ТУКА

error: Content is protected !!