Како резултат на лошите временски услови кои предизвикаа елементарна непогода на територијата на град Скопје, дојде до излевање на вода од атмосферската канализација на уличната мрежа, која предизвика поплавување на подземните нивоа на трговскиот центар.
Во овие услови, менаџментот на трговскиот центар донесе одлука да го затвори центарот за јавноста, и да ги евакуира посетителите и вработените.
Во моментов, заради безбедност на посетителите, возилата во подземната гаража на трговскиот центар ќе останат паркирани, се до исцрпување на водата.
Техничките служби во трговскиот центар во моментот работат на исцрпување на водата од подземната гаража. Овие активности ќе траат во текот на целата ноќ.
Во зависност од прогресот на активностите поврзани со санација на поплавата, трговскиот центар утре, во текот на раните утрински часови, ќе ја информира јавноста и закупците дали трговскиот центар ќе биде отворен за потрошувачите.
Слични вести – поврзани со невремето во Скопје
До сега пријавени околу 100 штети од невремето
Невремето проследено со пороен дожд и град, кое попладнево го погоди Скопје, направи штета на повеќе места низ општина Кисела Вода.
„На неколку локации силниот ветар однесе настрешници, гранки, откорна дрвја и делови од покриви и направи проблем во одвивањето на сообраќајот, но со екипите од општината веднаш излеговме на терен и интервенираме за надминување на проблемите.
Повикани се сите надлежни фирми со кои соработуваме, општинските тимови вршат увид и се реагира брзо, комуницираме и со службите на Градот и со граѓаните кои пријавуваат проблем, со цел штетите што поскоро да се санираат и состојбата да се нормализира.
Остануваме на терен сѐ до нормализирање на целата ситуација.
Стоиме на располагање доколку граѓаните кои имаат било каква потреба“, вели градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
„Општинскиот кризен штаб работи на терен на расчистување на последиците од невремето и обилните врнежи кои ја зафатија општина Бутел.
Општинските работници работат на најкритичните места и расчистување на паднатите дрва и наносите.
На терен работат и јавните претпријатија на Град Скопје.
Апелираме граѓаните на Општина Бутел да останат смирени и сите штети ќе бидат санирани.
Отворен е телефонски број 075 – 274-421 на кој граѓаните на Општина Бутел можат да пријават последици од невремето.
Ќе се продолжи со работа и во ноќните часови се до нормализирање на состојбата“, информира градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски.
„По обилните врнежи од дожд и силниот ветар кои го зафатија Скопје околу 16.50 часот, на телефонските броеви 112 и 195 досега има околу 100-тина пријави за:
– паднати дрва;
– поплавени простории и коловози
– одувани кровни конструкции
– скинати проводници и др.
За сите овие пријави известени се ЈП Водовод и Канализација, ЈП Паркови и Зеленило и БППЗ.
За паднатите кровови, на ул. Киро Крстевски бр. 3; и Михаил Чаков покрај БППЗ, известени се и општините Кисела Вода и Центар“, информира ЦУК.
Поплавени улици, паркинзи, подруми, многу откорнати дрвја, паднати билборди и луѓе заглавени во своите автомобили остави зад себе невремето кое го зафати главниот град. Градоначалничката Арсовска свика итен кризен штаб. Екипите на ЦУК се на терен, засега нема информации за настанатите штети.
Хаос во Скопје предизвика невремето кое го зафати градот и околината во попладневните часови.
Поплавени улици, паркинзи, подруми, гаражи, многу искршени дрвја и билборди, но и заглавени луѓе во своите автомобили – ваква е сликата во главниот град по невремето кое беше проследено со пороен дожд, град, грмотевици и ветер.
Четири автомобили од кои во еден се наоѓале и деца останале блокирани кај кружниот тек кај хотелот Континентал, a уште 15 лица биле заглавени во своите возила кај стоковната куќа Мост.
На двете локации биле испратени припадници на противпожарната бригада и брзата помош, но на патот едно од возилата на брзата помош заглавило во поплавениот коловоз на подвозникот на Стоковна куќа „Мост“, кој бил полн со вода.
Полициски службеници во координација со другите институции ги извлекуваат заглавените возила.
Интервенира и службата за итна медицинска помош, од каде велат имале пријави за повредени граѓани, но и оти станувало збор за полесни повреди.
На социјалните мрежи пак, граѓани објавија видео снимки на кои се гледа како водата навлегла и во подрумските простории на Градскиот трговски центар, како и во „Ист гејт мол“, чиешто приземје било целосно поплавено.
Градоначалничката свика итен состанок на кризниот штаб на Скопје
Од Градот Скопје соопштија дека по невремето кое го зафати градот Скопје, градоначалничката Данела Арсовска свикала итен состанок на Кризниот штаб на Град Скопје.
Градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцински пак информираше дека службите на општината се на терен и се во комуникација со градските претпријатија за отстранување на проблемите кои настанаа по невремето.
„Во моментов од наша страна се детектираат најпогодените точки во општината и секаде каде што е забележана штета предизвикана од невремето, истата ќе биде посочено до надлежните градски претпријатија за нејзиното санирање во најкраток рок“, соопштија од општината Аеродром.
Од Центарот за управување со кризи пак, велат дека до нив постојано пристигаат дојави и пријави од разни локации на градот.
Од таму потсетуваат дека на телефонот 112 може да се пријавуваат паднати дрва, откорнати кровови, заглавени возила или поплавени простории, но апелираат дека граѓаните треба да имаат разбирање оти службите реагираат по приоритет.
„Центарот за управување со кризи, преку 112 се трансферираат повиците за итни случаи, конкретно за помош за граѓаните погодени од невремето, до надлежните институции и служби од Град Скопје и општините од Скопско. Нормално, прво се помага на загрозените луѓе и тоа по прироритет што го имаат како стандардна оперативна процедура професионалците од ангажираните институции и служби од системот за управување со кризи, а потоа и ќе се сумираат штетите“, велат од ЦУК.
Екипите на центарот моментално работат на најкритичните точки на терен , а потоа ќе следи проценка на штетите.
Освен Скопје, од невреме попладнево се зафатени и Штип, Велес, Демир Хисар, Свети Николе.
УХМР најави дека нестабилното време со пороен дожд, грмежи и засилен ветер ќе се задржи до петок, особено во попладенвните часови.
Локално ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен дожд за кратко време, силен ветер и услови за појава на град.