Објавата на американскиот милијардер доаѓа откако корисниците на Твитер во анкета со големо мнозинство изгласаа тој да даде оставка од функцијата извршен директор.
Илон Маск најави дека ќе се повлече од функцијата извршен директор на Твитер откако ќе најде замена.
„Ќе поднесам оставка од функцијата извршен директор веднаш штом најдам некој доволно луд да ја преземе работата!“, напиша Маск доцна во вторникот на Твитер.
„Потоа, јас само ќе ги водам тимовите за софтвер и сервери“.
Најавата на Маск доаѓа откако корисниците на Твитер со големо мнозинство гласаа за негова оставка во анкетата спроведена од сопственикот на платформата.
Над 17,5 милиони гласа беа дадени во анкетата на Твитер, а 57,5 отсто беа за заминување на Маск.
Американскиот милијардер ја спроведе анкетата откако најавата на Твитер дека повеќе нема да дозволува „бесплатна промоција“ од други платформи на социјалните медиуми предизвика бурни реакции кај корисниците.
Пад на цените на акциите на Тесла
Маск, кој го купи Твитер во октомври за 44 милијарди долари, предизвика контроверзии со своите одлуки откако ја презеде контролата врз влијателната платформа на социјалните медиуми.
Минатата недела тој привремено ги блокираше профилите на неколку новинари, откако ги обвини медиумите дека го доведуваат во опасност неговото семејство со објавување на локацијата на неговиот приватен авион.
Се чинеше дека Маск претходно ги отфрла вестите дека бара некој да ја заземе неговата позиција, објавувајќи насмеан емотикон и тврдејќи дека никој не ја сака работата одржување на Твитер во живот.
Откако го презеде Твитер, цената на акцијата на Тесла, која исто така ја поседува, падна за една третина, што ги поттикна шпекулациите дека милијардерот е под притисок да се повлече од платформата за социјалните медиуми.