Данела горда на тимот: Брзо реагиравме, спасени над 20 лица од невремето

Сите екипи се мобилизирани и се на терен, меѓу кои и противпожарната бригада на градот Скопје, која со успешна интервенција успеа да спаси над 20 лица, истакна вечерва градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

Арсовска која раководеше со кризниот штаб поради невремето истакна дека во моментов, екипите интервенираат на повеќе од 30-тина локации каде има поплавувања.

„Тимови составени од јавните претпријатија расчистуваат на терен и ќе останат се до целосно санирање на проблемите на критичните места и до нормализација на состојбата“, истакна Арсовска.

Најави дека вечерва кризниот штаб по целосна анализа на состојбите ќе најави решение за проблемите со материјалните штети, но ќе се бара и одговорност за несоодветната инфраструктура која, како што рече, допринела за штети на градските булевари.

Невремето кое попладнево го зафати Скопје беше проследено со обилни врнежи од дожд, силен ветар и наноси на лисја и отпад и предизвика поплави на повеќе места низ градот.

Градските јавни претпријатија работат на расчистување на улиците по невремето

Градските јавни претпријатија излегоа на терен со цел расчистување на улиците по невремето кое предизвика поплавувања во делови од градот.

Екипи на ЈП Водовод и канализација – Скопје соопштија дека ги расчистуваат сливниците и шахтите, со цел нормална функционалност на атмосферската канализација.

Со спроведување на овие активности, како што објавија, ќе се продолжи сè додека не се овозможи нормална функционалност на атмосферската канализација во сите делови на градот.

И ЈП Комунална хигиена – Скопје објави дека спроведува засилени активности за расчистување по обилните дождови.

„По денешните обилни врнежи од дожд, екипите на ЈП Комунална хигиена – Скопје спроведуваат активности за расчистување на јавните и сообраќајните површини, со цел да се овозможи проодност на движењето на пешаците и безбедно одвивање на сообраќајот. Активностите се одвиваат во координација со Градот Скопје и останатите јавни градски претпријатија. Претпријатието работи со максимален капацитет и ангажираност на сите расположливи работници на терен, како и употреба на целокупната механизација. Активностите се одвиваат во сите скопски општини, во тек е расчистување на булеварот Гоце Делчев, подвозникот на стоковната куќа ‘Мост’, подвозникот Павел Шатев, како и повторно поставување на садовите за одлагање на отпадот коишто беа изместени во текот на невремето. ЈП Комунална хигиена – Скопје ќе продолжи со активностите во текот на целата ноќ, во насока на целосно санирање на последиците од невремето на терен“, велат од Комунална.

Интервенираат и екипите на ЈП Улици и патишта. Денес 20тина крстосници се целосно искчучени или на трепкаво светло и во координација со полиција се регулира сообраќајот.

„Со ангажираност на сите работници и механизација се вршат активности на улиците во сите општини, се исправуваат латерни на семафорите, се санираат дефектите на сите семафори, се санираат оштетените заштитни столбови и екипи во координација со Градот и другите јавни претпријатија вршат активности за отстранување на паднати дрвја, како и за расчистување на шахтите и сливниците.

Екипите продолжуваат со потребните интервенции во текот на целата ноќ со цел да се санираат сите оштетувања на собраќајниците како последица од невремето“, информираа од „Улици и патишта“.

На Фејсбук пак објави:

Силното невреме со обилни врнежи кое во изминатите неколку часа го зафати Скопје, предизвика поплави на повеќе места низ градот. Свикав итен теренски состанок на Штабот за заштита и спасување на Град Скопје, во моментов екипите интервенираат на повеќе од 30-тина локации каде има поплавувања по големото невреме.

Тимови составени од јавните претпријатија расчистуваат на терен каде остануваме се до целосно санирање на проблемите на критичните места. Сите екипи се мобилизирани и се на терен, меѓу кои и противпожарната бригада на градот Скопје, која со успешна интервенција успеа да спаси над 20 лица.

Силното време предизвика и материјални штети кои веќе се санираат, а воедно вечерва кризниот штаб по целосна анализа на состојбите ќе најави решение за овие проблеми, но ќе се бара и одговорност за несоодветната атмосферска инфраструктура особено на ново реконструираните градски булевари каде се предизвикани најголеми штети.

Ангелов: Добивме над 450 пријави, повеќе од 20-тина возила се оштетени

Во периодот од 16 до 19 часот и 30 минути, се добиени околу 450 повици на бројот 112. Имаме паднато повеќе од 30 дрвја и неколку бандери, поточно дрво паднато врз возило во Бутел, при што две лица се здобиле со повреди. Едното лице с повреда на главата, а другото со повреда на раката и ногата. Немаме официјална информација колку се тешки повреди, лицата комуницирале, но на прв поглед не се работи за нешто посериозно, информира вечерва директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов за последиците од големото невреме што го зафати Скопје.

Тој појасни дека имало случај и на падната бандера во населбата Маџари, при што жиците од бандерата паднале врз метална ограда и дошло до краток спој, но случајот е решен.

-Според првичните информации, повеќе од 20-тина возила се оштетени. Благодарение на ЈП „Паркови и зеленило“ дрвјата и бандерите веќе се отстранети од улиците. Во моментов ја правиме приоритетната листа за испумпување на вода од домови и објекти. Водата полека се повлекува, а дел од неа ќе биде испумпана, информира Ангелов за состојбата во главниот град.

Двајца повредени во невремето: Дрво паднало врз автомобилот во кој се возеле

Двајца повредено по силното невреме кое попладнево го погоди Скопје, објави Сител.

Според Телевизијата, двете лица се повредени од дрво кое паднало врз нивниот автомобил, додека бил во движење.

Тие во моментот се во добра здравствена состојба, а пренесени се во скопските клиники.

Возилото останало заглавено под дрвото, па интевернирале службите на Противпожарната бригада и Итната медицинска помош.

Првиот човек на Центарот за управување со кризи во изјава за Сител го соопшти видот на повредите.

-Најважно за нас што нема загинати, нема ниту посериозно повредени граѓани од денешното невреме. Повеќе од 30 дрва и неколку бандери паднаа во текот на невремето. Некои од нив предизвикаа прекин на сообраќајот. Но, имаме и неколку карактеристични случаи, кога дрво во Бутел падна врз возило во коешто имаше двајца граѓани коишто во овој момент, според информациите што ги имаме, се полесно повредени. Едниот има повреда на главата, другиот на раката и ногата, вели Стојанче Ангелов.

Во Чаир дрво паднало врз постара куќа. Причинета е поголема материјална штета, но во индицентот немало повредени.

error: Content is protected !!