Конвој автомобили од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), со тим експерти од повеќе земји, тргна од Киев кон нуклеарната централа Запорожје.
Веста ја објави Ројтерс повикувајќи се на сведок од местото на настанот.
Не е познато кога мисијата на МААЕ, предводена од генералниот директор Рафаел Гроси, треба да стигне до најголемата нуклеарна централа во Европа, која сега е под контрола на руските сили.
Мисијата на МААЕ ја напушти Виена во понеделникот и пристигна во Киев во вторник, пренесува Тасс. Таму делегацијата се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Извори на Тасс во ОН во понеделникот појаснија дека тие ќе влезат во нуклеарната централа Запорожје преку Киев и територијата контролирана од Украина.
Извор од ОН, запознаен со деталите за мисијата, изјави дека во неа учествуваат претставници на десет земји: Албанија, Кина, Франција, Италија, Јордан, Литванија, Мексико, Полска, Србија и Македонија.
Изворот објасни дека претставниците на Русија и Украина не се вклучени во мисијата, со цел да се обезбеди нејзината неутралност и непристрасност.
Тој, исто така, истакна дека инспекторите ќе ја проучуваат нуклеарната безбедност во електраната, но не и политичките и воените прашања, според Тас.
Мисијата на МААЕ е придружувана од тим од претставници на ОН, кои обезбедуваат помош само од аспект на логистика, патување до нуклеарната централа Запорожје и безбедност.
Унгарски министер со апел до ЕУ: „Ќе побарам војната конечно да заврши“
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјави дека земјите од ЕУ треба да престанат да преземаат чекори кои помагаат да ескалира конфликтот во Украина.
„На состанокот на министрите за надворешни работи на Европската унија ќе побарам војната конечно да заврши“, рече Сијарто во видеото објавено на Фејсбук, пренесе агенцијата ТАС С.
Шефот на унгарската дипломатија рече дека сега е неопходно „да се заборават предлозите кои се закануваат со понатамошна ескалација на војната и да и се дозволи на Европа да се фокусира на мирот“.
Сијарто зборуваше и за заканите за глобалната економија кои ги носи конфликтот во Украина и санкциите кон Русија, имено, како што наведе, енергетската криза, одливот на работна сила, недостигот на глобалниот пазар на храна, како и новите бранови на миграција.
„Треба да ги оставиме настрана предлозите кои водат кон ескалација на војната и конечно да се фокусираме на создавање мир во светот“, рече Сијарто.
Министрите за надворешни работи на ЕУ утре во Прага ќе одржат неформален состанок на кој ќе разговараат за ситуацијата во Украина и за обезбедување натамошна помош за владата во Киев.
Тие, исто така, се очекува да го разгледаат предлогот на балтичките земји да престанат да издаваат шенген визи за руските граѓани, соопшти ТАС С.
Сателитски снимки покажуваат дупки на покривот на најголемата нуклеарна централа во Европа
Нуклеарната централа Запорожја во јужна Украина, која што руските сили ја зазедоа во март, но сè уште има украински персонал, е жариште на конфликти, при што двете страни меѓусебно се обвинуваат за гранатирање во нејзина близина.
Мисијата на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) се упати кон објектот, најголемата нуклеарна централа во Европа, и треба да изврши увид и проценка на каква било штета подоцна во текот на оваа недела.
Предводена од шефот на МААЕ, Рафаел Гроси, мисијата ќе ги процени работните услови и ќе ги проверува безбедносните системи, соопшти организацијата со седиште во Виена.
Обединетите нации, Соединетите Држави и Украина повикаа на повлекување на воената опрема и персоналот од комплексот за да се осигураат дека не е цел.
Maxar Technologies објави сателитски снимки на кои се гледаат дупки на покривот на нуклеарната централа.
Песков: Нема збор за создавање демилтиризирана зона околу Нуклеарната централа Запорожје
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека нема збор за создавање демилитаризирана зона околу нуклеарната централа Запорожје.
Русија смета дека сите земји треба да извршат притисок врз Украина да престане да ја гранатира нуклеарната централа Запорожје, додаде тој.
-Воената тензија може да се намали со притисок врз украинската страна да престане да ја гранатира оваа и блиската територија, рече Песков.
Портпаролот на Кремљ кажа дека на територијата под нејзина контрола Русија ќе ја осигури сета потребна безбедност за делегацијата на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), предводена од генералниот директор Рафаел Гроси,а која неделава треба да пристигне во посета на нуклеарната централа.
-На делот од територијата што ја контролира Русија, секако, таму (во нуклеарната централа Запорожје) ќе биде осигурена сета безбедност на потребното ниво, имајќи ги предвид ризиците што постојано доминираат и се поврзани со непрекинатото гранатирање на оваа територија од украинска страна, рече Песков.
Како што прецизираше, мисијата на МААЕ ќе пристигне на територијата на нуклеарната електрана Запорожје преку зоната контролирана од Киев.
-Како што разбрав, Украинците ќе обезбедат безбедност таму, додаде Песков.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, претходно изјави дека „проблемот ќе биде решен“ доколку се дозволи демилитаризација на нуклеарната централа Запорожје.
Америка до Русија: Прифатете формирање на демилитаризирана зона околу нуклеарната централа во Запорожје
Белата куќа синоќа ја повика Русија да се согласи за формирање на демилитаризирана зона околу нуклеарната централа во Запорожје.
Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, им изјави на новинарите дека најбезбедната опција ќе биде контролирано исклучување на објектот, пренесува Ројтерс.
Тој додаде дека администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден ја поддржува посетата на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) на Запорожје.
Дипломати се обидуваат да организираат учество на Зеленски на Генералното собрание на ОН во Њујорк
Дипломати се обидуваат да организираат посета на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Генералното собрание на ОН во Њујорк во септември, што ќе биде негова прва посета во странство од почетокот на руската инвазија на 24 февруари.
„Подготвени сме за посета на секој функционер, вклучително и на претседателот”, изјави портпаролот на украинската мисија во ОН, Анатолиј Сленко.
Зеленски е на списокот говорници на најголемиот годишен состанок на ОН во средината на септември, но Сленко истакна дека тоа сепак може да се промени. Дали посетата ќе се одржи се уште е нејасно, додаде тој.
Извори од Советот за безбедност на ОН потврдија дека украинската мисија ја подготвува посетата на Зеленски на годишниот собир на претседатели на држави и влади.
Од друга страна, дипломатите предупредуваат дека секое патување на украинскиот претседател претставува голем ризик за неговиот живот.
Тие додаваат дека одлуката ќе биде поврзана со развојот на воените настани во Украина.
Годинава Генералното собрание започнува во Њујорк на 20 септември. Меѓу говорниците се американскиот претседател Џо Бајден, германскиот канцелар Олаф Шолц и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.