ЕВН, послушајте паталец
Другарчиња од ЕВН, читам во Арачиново, Грчец, Сарај, Студеничани, Крушопек и Серава , ем ви краделе струја, ем не сте можеле ни сметки да наплатите. Ама затоа пак, во другите делови на Македонија, народот го рекетирате, бидејќи, се разбира, некој мора да ви ги плати загубите кои ги имате во горе споменатите реони и тоа цели 20 години, откако борците за човекови права станаа власт, залепени и за куртовци и за муртовци.
Има една македонска поговорка која вели:
„Не слушај гаталец, слушај паталец“
Другарчиња од ЕВН, бидејќи јас долги години со вас бев паталец, сега ќе ви ги раскажам моите патила со вас и ќе ви дадам совет, како, според примерот со мене, да си го решите проблемот во овие реони. А, вакви примери како мене, ги има многу во оваа наша напатена Македонија, напатена од арамии и џабелебароши кои ги плаќа чесниот народ, независно од која национална припадност.
Во животот се случуваат трагедии. Секој од нас се соочува со својата лична трагедија. Така и јас се соочив со, за мене најголемата загуба во животот, после која останав сама со моето малолетно, тогаш три и пол годишно дете. Оттогаш започнува мојата голгота со вас, ЕВН.
Бидејќи не бев вработена и никој немаше желба да ме вработи, нормално, се вработуваат само партиски војници, од СДС и од ДПМНЕ, јас, како и многу други самохрани родители работев само сезонски и нормално доаѓав до ситуација да не можам да си ги плаќам сметките. Морав да направам избор, или храна за детето, или сметки, по што секогаш, се разбира, избирав детето да не ми е гладно.
Тогаш ми стигнуваа опомени пред исклучување на струјата, но, секогаш постојат добри луѓе. Така и во ЕВН Охрид, немаа душа да остават едно мало дете без струја и најчесто се трудеа да ми помогнат, со плаќање на една сметка да не ми ја исклучат струјата. И тоа траеше 2 години.
Но, потоа започна мојата голгота со вас, ЕВН , а верувам и голготата на многу други семејства. Ми го променавте броилото и оттогаш почнавте да ми ја исклучувате струјата, без опомена, дирекно од Скопје( така барем ми објаснија работниците кои го променија броилото)
Оттогаш, 4- 5 години, еднаш годишно мене ми ја исклучувавте струјата и ние две со ќерка ми бевме без струја 7 – 10 дена, во зависност кога ќе успеев да побарам заем за да ги платам неплатените сметки, а потоа работејќи сезонски, го исплаќав заемот.
Затоа сакам да ви дадам совет другарчиња од ЕВН, за реоните каде не можете нормално да си ја наплатите струја.
СМЕНЕНЕТЕ ГИ БРОИЛАТА, СТАВЕТЕ ИМ БРОИЛО ИСТО КАКО МОЕТО И БЕЗ ПРОБЛЕМ ЌЕ МОЖЕ ДА ИМ ЈА ИСКЛУЧУВАТЕ СТРУЈАТА.
На тој начин вашите работници нема да бидат нападнати од разбојниците, а нас останатите ќе не’ ослободите од обврската да им ја плаќаме нивната потрошена електрична енергија и вашите загуби.
Доколку се плашете дека ќе бидете нападнати додека им ги менувате броилата, побарајте да бидете обезбедени од страна на македонските политичари на власт, или од нивните сојузници НАТО војските, со кои, нели, жителите на Арачиново се стари познаници многу одамна, уште од 2001 година.
Барајте некое чаре, само ние останатите, граѓаните од втор ред во Македонија, да не мораме да плаќаме повисоки сметки и да ви ги покриваме вашите загуби.
Срдечен поздрав рекетари од ЕВН
Фејсбук статус на Виолета Аврамоска.
Повеќе за ЕВН:
Електрификација на Македонија (1909-1944)
Првата светилка во Македонија се запалила во Скопје во 1909 година кога е изградена првата електрична централа на парен погон. Во тоа време Македонија била дел од турската империја.
Првата електрична централа во Македонија
Електрификацијата на другите градови се одвивала самостојно и одделно. После Скопје електрифицирана е Битола во 1924 година, а до 1930 година електрифицирани се Тетово, Велес, Куманово, Штип, Крива Паланка, Гевгелија, Виница и Кочани. Од 1931 до 1935 година електрифицирани се: Прилеп, Кичево и Демир Капија, а од 1936 до 1940 година електрифицирани се: Гостивар, Охрид, Струмица и Пробиштип.
Во тоа време електричната енергија се произведувала во мали хидроелектрични централи, но имало и централи на дизел и јаглен.
Најзначајни производствени објекти кои биле изградени пред Втората светска војна се: ХЕЦ „Пена“ со моќност од 1.760 КW изградена во 1927 година, Дизел електраната во Скопје изградена во 1933 година со моќност од 1.000 KW и ХЕЦ „Матка“ со моќност од 4.160 KW изградена во 1938 година.
На крајот од 1944 година во Македонија производството на електрична енергија било повеќе од скромно и изнесувало околу 14.200 МWh со инсталирана моќност од 9.600 КW.
Главни причини за забавената електрификација на овие простори биле слабиот економски развој на стопанството, неразвиената индустрија, а важно е да се спомене дека Македонија во тоа време не била самостојна држава туку провинција на туѓи кралства и империи.
Развој на електроенергетскиот систем (1945-2005)
Веднаш по завршувањето на Втората светска војна, во Македонија е формирано „Федерално електроенергетско претпријатие“ (ФЕП) за Македонија кое управувало со сите електроенергетски ресурси во државата. За разлика од претходниот период кога секој град имал независен и посебен електроенергетски развој, ФЕП за Македонија функционирала како единствена компанија на целата територија на државата во рамките на Федерална Југославија. Со текот на времето имињата на претпријатието се менувале: „ФЕП за Македонија“ до 1954, „Електростопанска заедница на Македонија“ до 1966, „Електро Македонија“ до 1990, „ЈП Електростопанство на Македонија“ до 2005, а по поделбата и ребрендирањето започнува да се употребува називот „ЕВН Македонија АД“ – Скопје.
Првомајска парада во Скопје
Обновата на електроенергетските капацитети кои биле тешко оштетени или разурнати во војната станала примарна и сеопфатна задача која со помош на државата и граѓаните во повоениот период во Македонија успешно се спроведувала. Електрификацијата на Македонија била речиси целосно реализирана и електричната енергија станала секојдневие во скоро сите градови и села во земјата. Систематски и макотрпно била градена дистрибутивната мрежа, трафостаниците и новите енергетски објекти кои успевале да ги задоволат се поголемите потреби од електрична енергија на домаќинствата и растечката индустрија. Како најзначајни производствени капацитети на електрична енергија кои се изградени во повоениот период па се до осамостојувањето на Македонија во 1991 треба да се издвојат:
ТЕЦ Маџари (1949)
ХЕЦ Маврово (1957)
ХЕЦ Тиквеш (1968)
ХЕЦ Глобочица (1965)
ХЕЦ Шпиље (1969)
ТЕЦ Неготино (1978)
ТЕЦ Осломеј (1980)
РЕК Битола (1982)
Електроенергетскиот систем на Македонија од 1945 до 1990 година се развивал и бил составен дел од електроенергетскиот систем на поранешна Југославија. По распаѓањето на југословенската федерација и осамостојувањето на Република Македонија како независна држава следеше и прекинот во високонапонската мрежа со остатокот од СФРЈ. Ова значеше и осамостојување на македонскиот електроенергетски систем кој и покрај тешкотиите не дозволи поголеми проблеми во снабдувањето на потрошувачите со електрична енергија.
Единственото претпријатие „АД Електростопанство на Македонија“, во 2005 година се подели на три претпријатија и тоа „АД ЕЛЕМ“ за производство на електрична енергија, „АД МЕПСО“ чија дејност е преносот на електрична енергија и „ЕСМ АД“ за дистрибуција на електричната енергија. Со купопродажниот договор во Април 2006 година „ЕСМ АД“ станува сопственост на концернот EVN AG од Австрија, a со ребрендирањето во 2008 година ова претпријатие го добива сегашното име ЕВН Македонија АД Скопје.