МНОГУ ВАЖНА ВЕСТ: Затворен важен оддел на Клиниката во Скопје – ова се деталите

Привремено е затворена Клиниката за ТОАРЛИУЦ-КАРИЛ, откако дел од просториите се поплавиле по вчерашното невреме, потврдија за МИА од Министерството за здравство.

До Клиниката стигнало и официјално соопштение потпишано од министерот за здравство, Беким Сали.

– Ве известуваме дека заради технички проблеми на единицата за интензивно лекување ЈЗУ УК ТОАРЛИУЦ КАРИЛ, сите пациенти кои бараат интензивна нега и лекување ќе се препраќаат во следните јавни здравствени установи, се до санација на дефектот:

пациентите од Скопје во ГОБ „8 Септември“ и КБ „Наум Охридски“; пациентите од источна Македонија во КБ Штип; пациентите од централна Македонија во КБ Битола; Пациентите од западна Македонија во КБ Тетово – се вели во соопштението.

Вчерашното невреме во Скопје не беше неочекуван феномен или ретка појава туку локални краткотрајни дождови кои се повторуваат на 5 години. Хидрологот Атанас Угрински од УХМР вели дека со вчерашните врнежи воопшто не биле засегнати речните сливови и немало зголемување на водостојот на реките. Ветрот и градот како и немањето на доволно зелени површини во градот кои би ја впиле водата се дел од причините за создавање на водните базени на повеќе улици во метрополата, објаснуваат експерти.

– Според мерните станици во Гази Баба имавме 35 литри, односно 20 литри на еден час и ваков интензитет на дожд се јавува на 5 години и тоа не е така ретка појава. Вчерашните дождови беа проследени со ветер и град и тоа дополнително придонесе до затнување на атмосверските канализации, вели Атанас Угрински хидролог во УХМР.

Од УХМР велат дека секојдневно, понекогаш и неколку пати во денот доставуваат информации до сите релевантни институции за временската состојба и најави за дестабилизација. Вчерашните 35 литри во одредени скопски региони беа причина за поплавени улици и домови. Што би значеле во главниот град интензитет на врнежи и со повеќе од 50 литри?

-Ова вчера ни од далеку не можеме да ги споредиме со она што се случи во 2016 година во Стајковци ниту според количина, ниту според интензитет, вели Угрински.

Според најавите од УХМР, нестабилно време на повеќе места со пороен дожд и грмежи ќе има до петок. Ова стои како метео предупредување на веб стреанта на Управата за хидрометеоролошки работи.

Градоначалничката Данела Арсовска вечерта излезе на терен, а потоа свика и прес-конференција на која ги пофали екипите на Град Скопје, а вината за тоа што беше поплавен цел град ја фрли на несоодветната атмосферска канализација која, како што потенцираше, нејзините претходници не ја решиле соодветно. Пристигнаа реакции околу невремето и од архитекти. Според поранешната претседателка на Асоцијацијата на архитектите, Даница Павловска, причината за последиците од поплавата е што системите за атмосферска канализација не се добро поставени, изградени и димензионирани

Вчерашното невреме во Скопје буквално предизвика катаклизма. Поплавени улици, покриви кои буквално летаа од згради и од други објекти, искршени дрвја паднати и врз автомобили, поплавени објекти, градинки, меѓу кои и новиот трговски центар „Ист гејт“ и Градскиот трговски центар се последиците од силните пороен дожд и ветер, кои за половина час предизвикаа бројни штети во главниот град. Поплавените улици го парализираа сообраќајот, а автомобилите што останаа на подвозниците кои беа под вода, чекаа да бидат извлечени од надлежните служби.

Надлежните градски и општински служби, пред сè од Центар, Аеродром и од Кисела Вода цела ноќ интервенираа околу отстранувањето на последиците од невремето, ги извлекуваа заглавените автомобили, пред сè кај подвозниците, за вчера изутрина да се нормализира состојбата со сообраќајот. Од полноќ, состојбата на сите сообраќајници беше нормализирана, а сообраќајот и јавниот градски превоз продолжија нормално да се одвиваат, посочуваат од ЦУК.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, вечерта излезе на терен, а потоа свика прес-конференција на која ги пофали екипите на Град Скопје, јавните претпријатија и Пожарната бригада за навремената реакција. Вината за тоа што беше поплавен цел град Арсовска ја фрли на несоодветната атмосферска канализација која, како што потенцираше, нејзините претходници не ја решиле соодветно.

– Наредните денови ќе излеземе со анализа на кој начин ќе ги решиме овие предизвици. Дел од улиците се новоизградени и таму се појавуваат проблеми, а дел се реконструирани, но притоа не е направена реконструкција на атмосферската канализација – рече Арсовска.

Архитектката и поранешна претседателка на Асоцијацијата на архитекти, Даница Павловска, потврдува дека првиот впечаток по невремето е дека не се добро поставени, изградени и димензионирани системите за атмосферска канализација, но, сепак, не е сè така.

– Се работи за комплексен проблем, кој треба да се третира од повеќе аспекти. Системите за атмосферска канализација се само една димензија на проблемот. Она што го бараме ние, како професионалци, е интегрален пристап на обликување на просторот, односно неговото користење. Во просторот, тие физички структури што ги осмислуваме треба да овозможат квалитет на живеење и безбедност – децидна е Павловска.

Според неа, со едноставни зборови, тоа значи ако се предвидат во плановите повеќе слободни површини, парковски и зелени, непокриени со бетон и асфалт, тогаш и енормните количини вода од природата ќе бидат впиени и ќе бидат помали штетите, а, можеби, и воопшто ќе ги нема, децидна е Павловска.

Затоа, таа вели дека апелите од архитектите во претходниот период за повеќе зеленило и паркови и да не се дозволи густа изграденост на просторот не биле случајни.

Инаку, по невремето, на телефонскиот број 195 и преку бројот за итни повици 112 биле примени околу 180 пријави. Од нив, како што информираат од ЦУК, 80 биле за поплавени простории од објекти, 40 за паднати дрвја, по 20 за оштетени возила и поплавени улици и подвозници, 15 за оштетени покривни конструкции и пет пријави за скинати проводници, накосени бандери и други проблеми со струјата.

Пријавите, според приоритетот, биле проследени до: Бригадата за противпожарна заштита БППЗ, Градот Скопје, општините и јавните претпријатија во Градот.

– Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје (БППЗ), по невремето, со свои екипи интервенирала во десетина случаи за испумпување на навлезена вода од објекти и од критичните места.

Од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ известуваат дека вечерта и ноќта работеле со цистерни и со вакуум цистерни на исцрпување на насобраната вода и на отнување на атмосферската канализација на критичните места (подвозници и главни сообраќајници), и по пријави на граѓани, на уште 40-ина други места – извесуваат од ЦУК.

Оттаму додаваат дека од ЕВН соопштиле дека дефектите во електросистемот, настанати од атмосферските празнења и силниот ветер во повеќе реони од градот и околината, во текот на ноќта биле отстранети, освен кон селата Дворце и Радуша во Општина Сарај, каде што жителите сè уште се без електрична енергија.

Од јавното претпријатие „Улици и патишта“ информираа дека по невремето интервенирале со цела оператива и механизација на терен и притоа биле поделени на реони за да работат на расчистување на улиците и на тротоарите за нормализирање на сообраќајот.

Оттаму велат дека имало интервенции за расчистување на сливниците и на паднатите дрвја на булеварите „Партизански одреди“, „Митрополит Теодосиј Гологанов“, „Кочо Рацин“, „Филип Втори“, подвозникот на булеварот „Киро Глигоров“, булеварот „Јане Сандански“ ,булеварот „Гоце Делчев“ кај МТВ, кејот „Димитар Влахов“ и други. Додека во сите општини каде што се јавила потреба, имало санација на дефектите на семафорите.

– Настанатите последици на светлосната сигнализација сè уште се санираат на терен и ќе продолжат во текот на целиот ден, со цел воспоставување нормално функционирање и безбедност во сообраќајот – нагласуваат од ЈП „Улици и патишта“ и додаваат дека биле санирани и оштетените плочи на плоштадот „Македонија” кај фонтаната и дека екипите и понатаму продолжуваат со активностите за нормализирање на светлосната сигнализација на градските крстосници.

Екипите на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ интервенирале со ангажирање на 100 работници и механизација од седум камиони и две платформи. Тие работеле до 02 часот наутро, при што биле расчистени 34 локации со паднати дрвја и 17 паднати големи гранки.

Во текот на вчерашниот ден, од 17 до 24 часот, добиле 77 пријави за различни локации и 119 паднати дрвја во градот, без оние во Градскиот парк.

Од ЈП „Паркови и зеленило“ соопштија дека утринава на терен биле присутни работниците од секторите: Дрвореди, Градско зеленило, Вонградско зеленило и Механизација, кои работеле на повеќе локации сè до целосно расчистување и нормализирање на градот.

Оттаму прецизираат дека во моментов се работи во Чаир, Топаанско Поле, Карпош, „Партизанска“, Аеродром, кај Собранието на Град Скопје, а ќе се продолжи и натаму каде има потреба од интервенција.

– Утринава имаше состанок општинскиот Штаб за заштита и спасување. Во контакт и координација сме и со останатите надлежни институции и ги преземаме сите мерки за расчистување на паднатите дрвја, гранки и покриви. Во текот на денот ќе се врши и проценка на штетите од поплавите, кои зафатија дел од општинските градинки и училишта и работиме на нормализирање на состојбата – изјави денеска градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, по завршувањето на состанокот на Штабот.

Тој информираше дека до Општината пристигнале многу пријави за оштетени возила, живеалишта, деловни простори, проблеми со шахти и сливници и оти сите тие се проследени до надлежните сектори или институции за натамошно постапување.

Герасимовски упати апел до граѓаните да бидат претпазливи и да внимаваат во периодите на поројни дождови, да избегнуваат движење надвор додека трае невремето, да ги затвораат прозорците и доколку прокиснува во објектот, соодветно да се обезбеди.

На терен се ангажирани и сите расположливи човечки ресурси и целата механизација со која располага Општината Аеродром и наскоро ќе бидат отстранети сите дрвја, гранки и објекти што го попречуваат движењето на граѓаните и претставуваат опасност, велат оттаму.

Инаку, вчера до Општината пристигнале над 40 пријави од граѓани. Од невремето биле забележани и пријавени неколку паднати здрави и зелени дрвја, а причинета е и материјална штета. Освен тоа, отворена е линија за пријавување штета од невремето – 2400970, која сè уште е во функција, и тоа од 08 до 16 часот.

Во Општина Кисела Вода е креиран тим за комуникација со граѓаните кои претрпеле штета, главно од силниот ветар, кој однел натстрешници, гранки и откорнал делови од покриви.

Од локалната самоуправа ги упатуваат граѓаните да ги пријават штетите во општинската барака 12, соба 4, кај Далибор Стојановски или на телефонскиот број 070/259-873, известуваат дека будно ја следат метеоролошката состојба и оти се ставени на располагање сите расположливи ресурси на Општината.

– Во интензивна комуникација сме и со јавните претпријатија и со службите на Градот со цел да се превенираат последици при евентуално повторно невреме – се вели во соопштението од Општина Кисела Вода.

Претседателот на Скопскиот плански регион и градоначалник на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, вчера, пак, со жалење констатираше дека иако се утврдени штети во седум општини кои беа зафатени од завчерашното невреме, ниту една владина институција не ѝ понудила помош на ниту една општина за справување со последиците од поројниот дожд и ветрот.

error: Content is protected !!