„Секоја идеја и концепт што оди во насока на креирање широк фронт на политички партии што ќе се најдат на страната на поддршка и на клучните реформи, брзото зачленување на Северна Македонија во ЕУ и отстранување на сите бариери на тој пат, е нешто за што вреди да се размисли“, рече вечерва вицепремиерот Бојан Маричиќ во одговор на прашањето дали се работи на формирање широка предизборна коалиција во која би влегле сите партии освен ВМРО-ДПМНЕ и Левица.
Маричиќ гостуваше во „360 степени“ на ТВ „Алсат“.
Изјавата на Маричиќ доаѓа откако во јавноста почнаа да се лиферуваат идеи за можни широки коалиции. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, од неодмна од новогодишниот прием на партијата спомена „фронт за европска Македонија“.
„Да размислиме повеќе за создавање фронт за европска Македонија, да не се делиме на Албанци и Македонци, туку да се охрабриме и да го тргнеме стравот едни од други. Овој фронт мора да се изгради и јас и вие заедно го имаме моралното и националното право тоа да го направиме за политичките партии, затоа што Македонија мора да биде европска бидејќи историски и територијално ѝ припаѓа на Европа“, рече Ахмети.
За тоа дали ако идејата за широка предизборна коалиција подразбира и учество на сега опозициската Алијанса за Албанците, која би влегла во Владата како подготвителен чекор во создавањето на широката коалиција, Маричиќ вели дека е премногу рано и не би сакал да шпекулира за оваа тема.
„Ова се само идеи за кои е вредно да се разговара и да се размислува, за сите луѓе кои се споменаа, а како ќе се реализираат и дали ќе се реализираат, останува на политичките лидери“, рече тој во интервјуто.
Вицепремиерот не одговори директно на прашањето дали АА дефинитивно ќе влезе во Владата, но рече дека постоела „подготвеност и идеи“, а дали тоа ќе се случи во следниот период, ќе зависи од разговорите и волјата на политичките лидери.
СДСМ и ДУИ во предизборна коалиција – Маричиќ го најави тоа: Можно е да има и друга партија – ЕВЕ за што се работи
