Апелација неразумно долго ги држела предметите за Мијалков, заклучи Судскиот совет – ќе има ли одговорност?









Пренатрупаност со работа, одмори, боледувања, сложеност на предметите се дел од причините кои ги навеле апелациските судии за тоа зошто толку време им требало да одлучат за предметите.

Изјавите кои ги дале до Судскиот совет им се речиси идентични, меѓутоа дел од забелешките до нив се дека, сепак, тие морале да бидат поажурни.

Дали имало објективни или субјективни причини за одолговлекувањата и дали ќе има некаква одговорност и од кого, пак, ќе се утврдува дополнително бидејќи контролата што беше извршена беше во насока само да се констатира фактичката состојба




Апелацискиот суд во Скопје неразумно долго, без да наведе причини ги чувал предметите „Таргет-Тврдина“ и „Трезор“ каде обвинет е ексшефот на УБК, Сашо Мијалков, но и случајот „Транспортер“ за ексградоначалникот на Битола, Владимир Талески, а пропусти има и во случајот за „Алфа“ за убиството на полицаецот кај ПМФ.




Вака накратко може да се сумираат заклучоците кои денеска ги донесе Судскиот совет откако работна група од тројца негови членови изврши вонредна контрола во второстепениот суд откако во јавноста имаше лавина реакции кога апелациските судии во ноември и декември 2022 одлучија да ги укинат пресудите од Основниот кривичен суд – прво за „Трезор“, а потоа и за „Таргет-Тврдина“ каде Мијалков првостепено беше осуден на затворски казни од 8 односно 12 години.

Обемноста на предметите, пренатрупаноста со работа, користење боледувања и годишни одмори, зарази со ковид биле дел од оправдувањата кои ги давале судиите во изјавите пред тројцата членови на Судскиот совет што ја правеа контролата.




Сепак, носењето на заклучокот дека неразумно долго било постапувано во случаите не значи дека ќе има одговорност за некои од судиите. Овој извештај, како што беше нагласено од членовите кои ја правеле контролата, е за да се констатира фактичката состојбата. Затоа во наредниот период би требало да се продолжи со постапка за да се утврди дали има основи за одговорност.




„Со оглед на сериозноста на постапувањето, работната група очекува предложените заклучоци да бидат усвоени, а понатаму цениме дека треба да се преземат сите мерки за утврдување дали постојат основи за евентуални одговорности“, рече Тања Чачарова-Илиевска, која е координаторка од Судскиот совет за следење на работата на Апелацискиот суд Скопје.

Во работната група која ја правеше контролата, со Чачарова-Илиевска, беа и членките на Судскиот совет Мирјана Радевска-Стевкова и Мери Радева.




Нивниот извештај беше усвоен едногласно со 12 гласа „за“ иако претходно во дискусијата двајца од членовите на Судскиот совет, заменик-претседателот Селим Адеми и Миљазим Мустафа, имаа забелешки дека сепак Апелациониот суд има најголем обем на работа, има 40 отсто помалку од предвидениот број судии, дека не се само овие, туку слично е и за други предмети итн.

Пред да започне дискусијата, Чачарова-Илиевска го презентираше извештајот и тоа што било констатирано наведувајќи ја хронологија на движење на случаите пред Апелацискиот суд.




Што утврди контролата за секој од предметите?

За случајот „Таргет-Тврдина“ за масовното прислушување и уништувањето опрема за следење на комуникациите, беше потенцирано дека јавна седница била одржана на 7 март 2022, а одлука била донесена дури на 5 декември 2022.

„Она што го констатираше работната група е дека е изминат период од речиси девет месеци од денот на одржување на јавната седница до денот на донесување на одлуката. Сметаме дека нема образложение за причините за изминувањето на толку долг период. Сметаме дека се создадени услови за евентуално застарување на дела во оваа постапка што е сериозна повреда на Законот за кривична постапка поради непочитување на роковите за донесување на одлука“, рече Чачарова-Илиевска.

error: Content is protected !!