Четворицата полицајци кои го правеле спроводот и командирот кој ја издал наредбата се суспендирани од работа, потврдуваат од Министерство за правда за А1он.
Тие се наоѓаат на распит во Обвинителство, а потоа ќе бидат спроведени и пред судија на претходна постапка.
Неофицијално, за нив ќе се бара притвор, поради сомнеж дека акцијата за бегството била испланирана, но и индиции за влијание на сведоци и нивна недостапност за органите на прогонот.
Предистрагата за бегството на затвореникот осуден на над 20 години затворска казна ја води Обвинителството за гонење организиран криминал односно полициското одделение предводено од Лиле Стефанова.
“А1он” објави дека Срѓан Димитриевски е командирот кој бил на смена вчеравечер во „Идризово“, кога се случи бегството на затвореникот осуден за обид за убиство и дрога, а полицаец беше повреден. Димитриевски е лице осудено за примање мито како полициски службеник од МВР.
За затвореникот е распишана меѓународна потерница. Се шпекулира дека тој по бегството е пренесен во Косово. Информациите се непотврдени, но кореспондираат со распишаната потерница.
Извор: А1он
Осуденото лице во тој момент му го одзел службениот пиштол од футрола на затворскиот полицаец И.Х кој го возел комбето, пукал во него и го повредил во долниот дел на стомакот. Поради повредата, возачот го запрел возилото, а осуденото лице се дало во бегство со патничкото возило ,,ауди”.
Вработените во затворската полиција го пријавиле случајот во СВР Скопје. Повредениот затворски полицаец е префрлен во болница на натамошно лекување а со учесниците на настанот извршени се разговори од страна на надлежните на МВР.
Издадена е наредба за распишување на централна потерница. Управата за извршување на санкции ќе направи вонреден надзор во КПУ Идризово и за сите утврдени неправилности ќе преземе соодветни мерки со цел да се утврди зошто не била обезбедена полициска асистенција за спровод до болница.
Воедно ќе се утврдува дали постои одговорност за организацијата на спроведувањето на осуденикот како и за пропустите кои довеле до ваква разврска на целиот настан.
Осуденото лице Б.М од Тетово бил осуден на вкупна казна од 21 година затвор , од кои 19 за убиство и 2 за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.Казната ја издржува од 28.12.2020 година а истекува на 17.04.2040 година.