Македонски гастарбајтер си ја отвори душата и ни раскажа што му се случувало во последниот период. Иако за себе вели дека е голем патриот и многу си ја сака државата, сепак најверојатно никогаш повеќе нема да се врати во неа, барем не за постојано.
Во продолжение прочитајте ја неговата приказна.
-Трет септември во низа сум во Италија. И сега конечно можам да кажам, пресреќен сум што заминува од Македонија и мило ми е што си дадов шанса да успеам. Затоа што кој се труди и работи, и тоа како може многу да направи.
Пред две години, сосема случајно, на разговор со пријател на маса, ме покани да отидам на сезонска работа во Италија, немав уште бугарски пасош, кој беше во тек на издавање, поради што можев да останам само три месеци.
Најпрво велев дека тоа не е работа за мене, да одам во Италија и да живеам мизерно, да спијам со цимери во иста соба и да јадам паштета и ајвер. Но, по неколку денови размислување и финансиска криза овде, си реков, ајде да пробам, зошто да не?!
Заминав во Италија, беше многу напорно и тешко. Не го знам ниту јазикот, а англиски знаев колку да не се загубам, ништо повеќе. Но, се мачев, работев напорно и верував дека еден ден тоа ќе се исплати. После три месеци макотрпна работа, се вратив назад, затоа што немав право да останам.
Пред заминување газдата каде што бев, сакаше да разговараме, притоа ми кажа дека многу ме цени, бил задоволен од мојата работа и ми понуди следниот пaт повторно да отидам кај него, со тоа што ќе добијам и зголемување на дневницата. Тој тогаш воедно ми кажа и дека доколку сакам, ќе се обиде да ми обезбеди италијанска виза, со цел да останам подолг период таму.
Не сакав, се вратив во Македонија во декември и бев пуштен на најјако, кафани, излегувања, дружби, трошење пари максимално, па после само месец ипол, кон средината на јануари останав во тесно.
Преку Вибер се слушнав со газдата од Италија, од кој побарав да започне процес за документи и дека најбрзо што може сакам да отидам и да работам. Искрено, му побарав и мал аванс или позајмица, но во тој момент не беше во можност да ми прати, што го сфатив и воопшто не се налутив.
После одреден период ми се јави и ми рече, погледни ја сметката, ти пратив пари за превоз и те очекувам најбрзо што можеш да дојдеш, докмуентите се средени. Бев многу среќен, веднаш заминав и воопшто не се мислев.
Да, таму работам од дење до ноќе, нема одмор, но станав миленик на газдата. Многу ме засака, веројатно затоа што работиме и не се жалиме за тоа.
И што се случи ова лето, се вратив долу да одморам, да уживам, но околу мене само луѓе од корист. Ми се лепат пријатели, соседи, роднини, сите од мене само нешто бараат. Имаше такви кои бараат ситна позајмица, но и оние што слушнале дека сум близок со газдата, па бараат да им средам да дојдат и тие да работат.
Никој од нив претходно не ми се јави да ми честита роденден, да ме праша дали сум добар, но кога им требам, се сетија на мене. Ама, јас нема да попуштам! На никого не му завршив работа и се вратив назад во Италија. Сега веќе размислувам и дали воопшто да си доаѓам во Македонија, луѓето ме гледаат само од корист – подобро да заминам на одмор во друга држава следното лето и да ги откачам еднаш засекогаш ваквите луѓе.
Слична вест: Првите гастарбајтери во Германија
Економското чудо во Германија е незамисливо без гастарбајтерите, но тие всушност за тоа никогаш не добиле вистинско признание. Изложбата во Манхајм „За доаѓањето, заминувањето и за останувањето“ зборува за тие луѓе.
Кои се мажите и жените кои ги напуштиле своите земји, кои помогнале да се случи економското чудо во Западна Германија, а за тоа предолго им се придавале премалку заслуги? На тоа прашање се посвети фотографот Мирко Милер.
Меѓу 2018 и 2021 прва година тој сликал над 100 портрети на поранешни „гастарбајтери“ кои дошле во Германија од 1955 година. Милер собирал предмети од нивните животи и ги запишувал нивните приказни. Многу од тоа сега може да се види во рамки на изложбата „За доаѓањето, заминувањето и за останувањето“, која ја постави Центарот за меѓународно културно образование, при Гете Институтот во Манхајм.
Изложбата ја сочинуваат 18 огромни фото-портрети поставени на централни локации во овој индустриски град во југозападна Германија, каде денеска живеат над 170 нации. Посетителите можат да ги гледаат видео интервјуата со протагонистите преку мобилен телефон и КуАр-код, како и во самиот Гете институт.
„Станува збор за тоа луѓето, животните приказни и судбините на поединци да станат видливи зад анонимниот израз гастарбајтер“, објаснува за ДВ шефицата на проектот, Бонка фон Бредов. Изложбата јасно покажува дека не постои некаков типичен гастарбајтер.
Празнина по престанокот на пристигнување на работници од ГДР
Самиот израз „гастарбајтер“ не ги опишува само очекувања на западногерманското општество во 1950-тите, 1960-тите, 1970-тите и 1980-тите години дека работниците-мигранти по одредено време ќе се вратат во своите земји од кои потекнувааат – и големо мнознинство од гастарбајтерите имале иста претстава. Кога германската влада во 1955 година го потпишала првиот договор со Италија за регрутирање работници, многу малку од нив претпоставувале дека многумина ќе останат, ќе ги донесат своите семејства и ќе станат пионери на модерната доселеничка земја Сојузна Република Германија.
Дотогаш бегалците од социјалистичка Источна Германија го задоволувале гладот за работна сила на западногерманската индустрија. Но, во текот на 50-тите години, одливот на запад се намалувал, за во 1961 година, кога беше подигнат Берлинскиот Ѕид, целосно да запре. Создадената празнина на пазарот на труд ја пополниле, меѓу останатите, 2 милиони италијански работници – мигранти.
Од работник на фарми до работнички совет
Еден од нив бил и младиот Лоренцо Анезе, работник на фарма во јужна Италија. По здравствените прегледи во Бари и во Верона, со воз, преку Минхен, во 1958 година пристигнал до Бокенсдорф, во близината на Волфсбург. Таму требало да работи на фарма, со својот брат кој веќе бил во Германија. Биле сместени во поткровје кое прокиснувало. Вода, како ни бања – немале.
Лошите животни услови биле дел од секојдневието за многу гастарбајтери, тоа изложбата, исто така, јасно го покажува. Па сепак, Анезе со задоволство се сеќава на своите почетоци во Германија – делумно и затоа што веќе вториот ден ја запознал медицинската сестра со која 9 години подоцна се оженил.
За да побегне од тешката работа на село, тргнал во потрага по нова работа. „Имав цел да почнам во Фолксваген во Волфсбург. Се пријавував многупати, но секогаш ме одбиваа. Тогаш искористив трик: отидов во 1961 година во обиколка на фабриката како посетител. Се издвоив од групата и отидов во персоналното одделение. Шефот на одделението случајно се појави. Му ја објаснив својата ситуација и тој едноставно ми кажа дека можам веднаш да почнам“, раскажува Анезе. По 4 години бил избран во Работничкиот совет, каде останал сѐ до 1993 година. „Тоа беше тешка работа, главно поради бирократијата. Но, истуркав, бидејќи сакав да им помогнам на други лиѓе. Знам како е кога немаш личност за контакт.“
„Секогаш сакав да се вратам“
„Доаѓање, заминување, останување – тоа го изразува амбивалентниот животен план на многу гастарбајтери, кој главно не бил поврзан со останувањето во Германија“, вели фотографот Мирко Милер. Многумина се вратиле дома. Околу 500.000 од 867.0000 турски работници-мигранти се вратиле во својата земја до 23 ноември 1973 година, кога поради нафтената криза било „запрено регрутирањето“.
Помислата за враќање била постојан придружник на многу печалбари. Така било и со Шпанката Кармен Моранте. Потекнувала од добро семејство и имала само 22 години кога во 1964 година дошла со сопругот, обичен кројач. „По две години полека се прилагодив. Сакавме да останеме само додека не собереме доволно пари да купиме куќа на Гранада. Но, тогаш сепак останавме тука. Секогаш сакав да се вратам. Германија едноставно не ми лежи“, вели Моранте.
„Всушност, не беше моја одлука да одам во Германија“, вели Хизир Ојмак, кој пристигнал во 1972 година. Но, селото се собра и реши да ме испрати таму. Тогаш имав 15 или 16 години. Зошто решив да останам овде? Да се вратев во Турција, сите ќе ме прашаа: Да не те избркаа од Германија?“
Неговата приказна е репрезентативна за многу други приказни за печалбарите кои дошле, останувале или заминувале под притисок или поради очекувањата на нивните семејства или дури и на пошироката околина.
Татковина помножено со два
За луѓето како Хизир Ојмак, останувањето во Германија беше тесно поврзано со нивното сваќање за татковината: „Еднаш разговарав за ова со нашиот градоначалник на Манхајм. Му кажав дека нашите срца чукаат двапати: кога сме во Германија, тие чукаат за Германија, а кога мислиме на Турција, тогаш чукаат за Турција. Ќе бидам искрен, не би сакал да се откажам од ниту една земја. За мене и Германија и Турција се мојот дом“.
Две татковини, две срца. Таков однос кон животот може да се најде во многу приказни на гастарбајтери фотографирани од Милер. „Мораме да научиме дека не станува збор само за оддавање почит кон работата на овие луѓе, туку за нивно разбирање како дел на нашето општество. Без нив не би била возможна германската обнова и економското чудо. А и тие многу силно се идентификуваат со Германија“, резимира Бонка фон Бредов.