Ковачевски ја „грабна“ метлата: Големи промени во т.н. трет ешалон на власта

Во наредниот период следуваат промени на директорските позиции на бројни државни инститцуии и јавни претпријатија, брифираат извори од владејачката СДСМ за 24 инфо.

Според изворите на 24 инфо, се очекува да бидат променети директори на државни институции, агенции, инспекторати, како и на јавни претпријатија управувани од централната власт.

Причините за менувањето, според изворите, се досегашни незадоволителни перформанси, прекршување на етичкиот кодекс на партијата, но има и такви за кои постојат индикации за несовесно работење во службата.

Ова се први најави за големи промени во таканаречениот трет ешалон на власта, откако СДСМ зимава доби ново раководство и состави нова Влада.

Во деновите претходно директори поставени од СДСМ веќе започнаа со поднесување оставки и меѓу нив најзвучни се имињата на Арафат Муареми од Управата за финансиска полиција и Ирина Бухова од Државниот здравствен и санитарен инспекторат.

Вчера беше назначен нов директор на Финансиската полиција, Горан Иванов, а инаку и двете институции последниот месец беа во интерес на јавноста поради аферите во кои тие беа директно или индиректно вмешани.

Се уште не се знае кој се ќе дојде и кој се ќе замине, но според информациите, овој процес треба да се затвори во следниот месец.

error: Content is protected !!