Некогаш млад, надежен фудбалер кој кариерата ја завршил пред и да ја почне заради тешка повреда, а потоа модел и ТВ водител и сега пејач и Јутјубер, популарниот Стефан Лазаров, веќе неколку денови ја бранува македонската јавност. Се започна со случајот „Тале“ од Велес.
Тогаш на емисијата „Срце на дланка“ имаше објава во која Тале од Велес бара помош за своите дечиња, објаснувајќи дека сопругата го оставила. Но, набрзо потоа пристигна и демант, не било се како што се вели во емисијата, поради што јутјуберот Лазаров реши дека ќе се заинтересира за овој, но и за слични случаи и истите ќе ги објави до јавноста.
По неколку денови информации и снимање видеа, Лазаров дошол до шокантна информација, поради што побара повеќе никој да не донира на „Срце на дланка“. Еве што напиша тој:
Сакам да ве известам и замолам да прекинете со било какви донации кон Срце на дланка. Следната приказна е многу пострашна од приказната на Тале и сум сигурен дека некој ќе одговара.
Институциите во овој случај ќе мора да реагираат. За два дена дознавате се, напиша Лазаров, а потоа набрзо доби и коментар кој привлече внимание:
-Сакам јавно да те замолам да престанеш со било какви понатамошни дискредитации кон емисијата “Срце на дланка”. Доколку имаш некоја лична замерка со продукцискиот тим, проблемите решете ги на друг начин, институционално а не да ги подведуваш граѓаните да изгубат верба во хуманоста, да се одвратат од намерата да донираат и со тоа да помогнат некому кому му е најпотребно.
И на крајот на краиштата, не заборавај на каков начин и како навлезе во медиумскиот свет и постана “популарен”. Сѐ најдобро ти посакувам во градењето кариера, но на ваков начин не се постигнува успех…, пишува Викторија Демијан, а на сето тоа пак возврати Лазаров:
-За криминал, измами и манипулација при добивање донации некој мора да одговара. Немам јас ништо лично кон никој, но во оваа држава мора да има правда. Хуманост мора да има, но само на вистинските места,- пишува Стефан.