ЖАЛНА СИ МАКЕДОНИЈО: Учениците наместо на училиште, часови имаат во кафулиња

Први септември е ден кој со радост се чекаше. Иако многумина велеа дека не го сакаат додека се ученици, потајно во себе знаат дека заминувањето во училиште е богатство. Пред се поради дружбата, другарите, симпатијата или девојката/дечкото, интересните ситуации и смеи, како и надградувањето на самите себе – учењето.

Постарите генерации го увидоа сето тоа. Убавиот начин на живот во училиште. Дури и оние што остануваа на дополнителна настава – не се жалеа, едноставно тоа беше втор дома на сите ученици, додека натавниците и професорите втори родители.

Како минува времето, се менуваат годините, за жал кон многу полошо од тоа што беше, па денешната слика меѓу учениците е жална, до степен што треба да ставиме прст на чело и да се запрашаме – каде плови овој брод, уште колку ќе издржиме, пред ЦЕЛОСНО ДА ПОТОНЕМЕ?!

Вчера први септември, прв училиштен ден, ден кога може да биде поопуштено, а веќе од втори септември започнува наставата, предавањата и домашните задачи. Барем така треба да биде, а како е во пракса?!

Денес во помал град од внатрешноста пиејќи го утринското кафе околу мене, сите столчиња во кафулето беа пополнети со ученици, дел од нив со ранец на грбот, други со книгите в рака, а трети пак воопшто и не носеа ништо. Дрес кодот воопшто и не изненадува, момчињата со куси панталони, како да одат на риболов, а девојчињата со кратки фустанчиња, деколтиња или пак гол стомак, мислејќи дека се на модна ревија, а не на час во училиште. До душа и не беа на часови, затоа што брзо им завршиле и „дремат“ во кафулињата.

Младината веќе нема навика воопшто да учи, да се надградува, да инвестира во себе, со чест на исклучоци. Да не зборуваме за почитта кон постарите и нивното однесување, кое е под секое ниво.

Па доаѓа она важното, да си ги поставиме прашањата. Колку од овие дечиња би сакале во иднина да ве лекуваат, колку од нив ќе знаат и можат да изградат згради, патишта и мостови. Колку од нив ќе бидат идни наставници и професори, колку од нив ќе можат во иднина вистински да извршуваат сериозна функција или позиција, колку…?! Многу малку, можат да се избројат на прст!

И не, не се виновни само учениците, многу поголем е проблемот. Виновна е оваа и секоја претходна Влада, кои го заборавија најважното – образованието!

Учениците немаат учебници, немаат свидетелства, немаат основни материјали што еден ученик мора да ги има, мора во нормална држава, овде веројатно не мора?!

Пропаѓаме луѓе и тоа многу. Итно мора да се РЕАГИРА, ако веќе и не е доцна, затоа што последиците ќе ги плаќаме сите!

Слични вести, поради кои сме на ова дереџе:

Левица: МОН не успеа да обезбеди учебници и свидетелства

Во текот на вчерашниот ден, министерот за образование Јетон Шаќири изјави дека оваа учебна година МОН ја пречекува поподготвено отколку минатата – без набавени учебници.

Учениците од прво, второ, четврто и петто одделение место учебници, ќе добијат шарено подврзани скрипти или материјали за учење, како што ги нарекува Шаќири, во обид да го прикрие фактот дека ресорот со кој управува не успеа да обезбеди учебници, откако претходно не стигна да обезбеди ниту свидетелства на крајот од наставната 2021/22 година.

Причините за немањето учебници се повеќе, но сите имаат заеднички именител: неспособност на ресорното министерство раководено од ДУИ да ги менаџира потребите на корисниците.

Конкурсите за ракописи за споменатите учебници течеа до средината на мај, поточно до 11 мај 2022 година. Во истиот рок течеше и јавниот повик за рецензенти на учебниците. Каде заглавила процедурата потоа?

Дали можеби причината за ненавременото изготвување на учебниците се крие во традиционалниот партнер на државните институции управувани од кадри на ДУИ, издавачка куќа и печатница „АРБЕРИА ДЕСИГН” од Тетово?

Првиот човек на „Арберија“, Хасим Хамзи, за изборите во 2015-та година за партијата ДУИ донирал трикратно повеќе од лидерот Али Ахмети.

Споменатата фирма до 2016 година била регистрирана за производство на плочи, листови, цевки и пластични маси, за тогаш да се преориентира во печатница, а од 2018 година дејноста ја проширува и со печатење книги. Бизнис кој ѝ донесува приходи од милиони евра, од кои над 90% од договори со државни и јавни институции, најчесто раководени од кадри на ДУИ.

За илустрација: само во 2020, 2021 и 2022 година АРБЕРИА ДЕСИГН има инкасирано близу три милиони евра (2.946.207) само од МОН.

Истата фирма се јавува и како организатор на прославата по повод Рамковниот договор, при што од министерството на Груби инкасира неверојатни 97.000 евра.

Очигледно е дека сѐ во државава може да стои и да чека, освен бизнис-интересите на ДУИ.

За наставниците повисока плата – за учениците учебници во најава, почна новата учебна година

Лидерот на СОНК Јаким Неделков ја објави потпишаната Спогодба со МОН за повисоки плати на наставниците со која од септември се зголемуваат за 15 отсто. Оваа учебна година, речиси половина од основците ја почнаа без учебници, бидејќи тие доцнат затоа што во тек се постапките за нивно одобрување. Од МОН најавија дека учениците од прво, второ, четврто и од петто одделение ќе ги добијат книгите пред второто полугодие

Со отворени училишта, џагор во школските дворови, деца без маски на лицата по две години ковид-пандемија и со мотивирани наставници кои доделуваа свидетелства на првиот училиштен ден, денес започна новата учебна година.

Многу желби и честитки за успех на учениците дојдоа од државните и од локалните власти, а министерот за образование и наука Јетон Шаќири, кој на првиот училиштен ден го посети и новоизграденото основно училиште „Гоце Делчев“ во Општина Илинден, истакна дека новата година започнува со отворени училишта и дека сите треба да се грижат така и да продолжи.

– Ние, како Министерство, заедно со надлежните институции од образованието, работевме да обезбедиме услови за успешно одвивање на воспитно-образовниот процес, вклучително и нови учебници и наставни програми, обука на наставниот кадар и зголемување на мотивираноста преку повисоки плати за 15% почнувајќи од овој месец, како и подобри услови за настава онаму каде што беше најприоритетно да се инвестира. Се градат неколку нови училишта и спортски сали, 30-ина училишта се реконструираат, се набавија 265 кабинети по природни науки. Сè ова се вложувања во поквалитетно образование, какво што заслужуваат сите деца – рече Шаќири повикувајќи ги учениците вредно да учат и да ги искористат сите можности за надградување на знаењата и вештините.

Лидерот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков, пак, ја објави потпишаната Спогодба со Министерството за образование и наука за повисоки плати во основното и во средното образование со која платата на наставниците за септември се зголемува за 15 отсто, како што беше договорено меѓу МОН и СОНК по организираниот штрајк пролетта. Во Спогодбата стои дека најниската плата за најниската сложеност за вработените во основните училишта изнесува 16.973 денари и дека ќе се применува со исплата за септември 2022 и понатаму. Тој ги повика наставниците да ги научат учениците за работи што не ги знаеле досега.

Инаку, според податоците на МОН, учебната 2022-2023 ја започнаа 255 илјади ученици, од кои 185 илјади се основци и 70 илјади средношколци. Запишани се 17.907 првачиња, но секоја година миграцијата го намалува бројот на основци и на средношколци во одредени региони во нашата земја. Карактеристичен е случајот со општините Дебар и Центар Жупа, каде што за првпат вчера на ученичката клупа седнаа 240 првачиња, од нив 190 се во Дебар, а 50 во Центар Жупа. Во гимназијата во Центар Жупа, пак, во прва година се запишани само 25 ученици, што е 36,8 отсто од предвидената квота. Иако според конкурсот на МОН, во прва година за учебната 2022-2023 година било предвидено да се запишат 68 ученици во две паралелки, во двата уписни рока запишани се 25, од нив пет за паралелката на македонски и 20 на турски наставен јазик. Со години по ред, предвидениот број не се пополнува, што е последица на масовната миграција на населението, која во западноевропските земји однесе над 60 отсто од популацијата. Истата причина условува намалување и на бројот на запишаните во гимназијата во Дебар, каде што од предвидените 272, пополнети се 166 ученички места. Инаку, во двете општини во деведесеттите години од минатиот век, имало по повеќе од 700 првачиња, но нивниот број постојано се намалува поради масовната миграција, пред сè во САД, Италија, Германија и во Луксембург.

Оваа учебна година, речиси половина од основците, односно оние од прво, второ, четврто и од петто одделение ја почнаа без учебници, бидејќи тие доцнат затоа што во тек се постапките за нивно одобрување. Додека не пристигнат учебниците со новите наставни програми, а согласно Концепцијата за основно образование која од лани се спроведува етапно, како што посочија од МОН, учениците ќе учат не од скрипти, туку од квалитетни материјали (како работни тетратки), кои го разработуваат наставниот материјал за првото тримесечје. Сепак, на стартот од учебната година, министерот Шаќири посочи дека уште не е избрана фирма која ќе ги печати учебниците, но дека постои надеж учениците да ги добијат пред второто полугодие. Новинарското прашање за одговорноста зошто ова не е направено пред почетокот на годината, министерот го оцени како тенденциозно.

– Кога ќе поставите друг пат прашање, ќе треба да знаете и одговор. Не е избран економскиот оператор. До учениците се доставени учебници и материјали. Тоа значи дека учениците кои учат оваа година, во брз рок ги имаат добиено учебниците за 6,7,8 и 9-то одделение. За децата (од прво до петто одделение) да немаат товар во нивниот фамилијарен буџет, има подготвителни материјали кои се доставуваат навремено. Некаде се доставени, некаде ќе бидат доставени – посочи Шаќири. Тој истакна дека постапката за печатење на книгите за четири предмети, кои сега ги нема, меѓу кои се и за македонски јазик и математика, е започната навреме.

error: Content is protected !!