Македон Димитровски има само седум години и со леснотија решава математички задачи како за втора година од средно образование. Овој мал генијалец неодамна на Македонија ѝ донесе златен медал во натпревар по математика, во конкуренција со 4.000 учесници од цел свет.
Македон чита и пишува од две години. И на латиница и на кирилица. Течно говори и англиски јазик.
Македон во само еден час ги има научено кинеските бројки до милион, и како се читаат и како се пишуваат и како се изговараат. Истото се има случено и кога го пратиле на курс по германски јазик. После само еден час тој ги знаел бројките до милион.
– На четири години го носевме на тестирање во еден центар за психологија. И кога го однесов, психологот со кој разговаравме ни рече дека нема тест за таа возраст. Македон решаваше тест за возраст од 7 до 14 години, а испадна дека има коефициент на интелигенција 134. Ни рекоа дека со текот на возраста тој коефициент ќе достигне до 145-150. Кога го запишувавме, пак, во прво одделение, според процедурата, нели, бевме на психолог за тестирање. Таа ни рече: Над 40 години работам, ама вакво дете немам видено. Нѐ праша дали сакаме веднаш да се запишеме во второ или трето одделение. Не сакавме зашто е важен и емотивниот развој. А нему и нема да му смени многу зашто и тоа што се учи во погорните оделенија не му е предизвик, сѐ знае – вели неговиот татко.
Талентите на Македон имаат широк дијапазон. Математика, јазици, вселена, географија…
-Географија и математика ме прават најсреќен. Географија поради тоа што е најинтересно, а математика поради бројките, зашто многу ги сакам – вели Македон.
Кога победи, Македон беше вистинска сензација во Македонија, сите политичари сакаа да ќарат политички поени и се фотографираа со него, но пред неколку часови се огласи и неговиот татко Владимир Димитровски, кој ја шокираше јавноста. Еве што напиша тој:
Денеска покрај медалот по математика добивме и голем пораз од државата.
Имено, пред неколку месеци кога Македон ги освои првите златни медали по математика бевме повикани во министерството за образование на прием кај министерот.
Таму бевме дочекани со сите почести многу сликање, поклони ранец и книги за Македон и најважното многу ветувања:
-прво дека ќе се среќаваме еднаш месечно за да видиме како напредува Македон и на кој начин тоа ќе се артикулира
-беше ветено од страна на министерот дека ќе стапи во контакт со сите големи амбасади за да и они помогнат во процесите на едукација на Македонц
-дека ќе се формира комисија што ќе направи програма за надарени деца за да може во иднина да ги едуцира овие деца
-ни беше кажано дека има потенцијални спонзори кои сакаат да останат анонимни да финансираат неограничени средства во школувањето на Македон
И уште многу други работи…
И сега после неколку месеци покрај многу повици од наша страна до истото тоа министерство конечно ни кажуваат дека сето тоа било една голема фарса и дека од сето тоа што го ветиле нема ништо
Ни кажаа дека амбасадите не можеле да ги контактираат на соодветно ниво туку во неформални контакти биле незаинтересирани, дека спонзорите одеднаш станаа незаинтересирани, а државата не може да инвестира во ваков тип на образование.
Со еден збор добивме едно големо НИШТО на денот кога Македон го доби третиот медал по математика замислете на светско ниво.
Што треба едно дете со таков IQ и со такви успеси да направи за да добие поддршка од државата. За сега едно големо „0“.