(Видео) Премиерот на Апасиев му читаше дефиниција за параноја, лидерот на Левица возврати со цитат од филозоф









Премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на прашање од пратеникот Димитар Апасиев му цитираше дефиниција од „Википедија“ за тоа што е паранонија.

Апасиев пак му возврати со цитат од антички филозоф и му се заблагодари за дијагнозата која му ја дал. Ова дојде откако Апасиев упати прашање до премиерот:




„Дали Македонија односно безбедносните служби го користат шпионскиот софтвер ‘пегасус’ кој од неодамна има извештај во ЕУ дека го користеле 14 земји членки и кој што се користи за компромитирање на политички неистомисленици – се влегува во нивните мобилни телефони, лаптопи, се вадат материјали, потоа се следат новинари, судии, обвинители, се компормитираат за да преземат или непреземат одредени дејствија?“.




На ова, одговор даде премиерот Ковачевски кој рече:

„Лично нешто што сакам да ви кажам, во ваш стил, а тоа е дека: Паранојa е инстинкт или мисловен процес кој е под силно влијание на вознемиреност или страв, честопати до степен на заблуда и ирационалност. Параноичното размислување вообичаено подразбира страв од прогон или убеденост дека има некаква завера против самиот себеси“, кажа Ковачевски по што додаде: „Изнесувањето лажни обвинувања и општата недоверба кон луѓето исто така честопати се дел од паранојата. На пример, параноична личност може да се убеди себеси дека некоја случка била намерна кога според повеќето луѓе станува збор за несреќа или случајност. Ви благодарам“.




Возврати пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев.




„Премиере Ви благодарам на дијагнозата. Епиктет (антички филозоф) во еден свој прирачник вели: „Кога за Вас кажуваат лоши работи, немојте да се обидувате да се браните туку речете им на вашите непријатели дека само толку ли знаете, па уште кога ќе дознаете уште повеќе кај ќе ви биде крајот“. Јас ги разбирам вашите напишани панаѓирици во одбрана на безбедносните служби кои ги злоупотребувате за пресметка со вашите политички непријатели – но не се надевав дека на прашање кое не го знаете вие ќе излезете со напишан говор во кој ќе ми дадете дијагноза. Веројатно вие сте го виделе спикерскиот лист на говорница, па сте рекле: „Аа па ќе си спремам една дијагноза“. Јас предавам историја на право, па знаете Атињаните кога отишле кај Спартанците и такви благоглаголиви со напишани говори како Вас, Спартанците биле практични луѓе и рекле: „Абе ние крајот не го разбравме оти почетокот го заборавивме“. Па така и вие. Јас за едно Ве прашувам, вие за десетто ми одговарате. Прашањето беше за „Пегасус“, дали користите шпиунски софтвер, Вие ми мешате молотови коктели, дијагнози, баби и жаби“.




Апасиев не беше задоволен од одговорот, па допраша: „Како тогаш нѐ прислушувате, со кои софтвери, преку кои структури, преку комбиња ли, како?“.

„АНБ не користи ‘Пегасус спај веар’ софтвер. За целата работа на АНБ како пратеник, можете да се информирате преку комисијата за надзор на безбедносните служби која ја води пратеник од опозицијата и ги има на располагање сите директори на безбедносните служби. И да повторам уште еднаш: „Паранојa е инстинкт или мисловен процес кој е под силно влијание на вознемиреност или страв, честопати до степен на заблуда и ирационалност. Параноичното размислување вообичаено подразбира страв од прогон или убеденост дека има некаква завера против самиот себеси. Изнесувањето лажни обвинувања и општата недоверба кон луѓето исто така честопати се дел од паранојата. На пример, параноична личност може да се убеди себеси дека некоја случка била намерна кога според повеќето луѓе станува збор за несреќа или случајност“, повторно одговори Ковачевски.

error: Content is protected !!