Мега интервјуто помеѓу Васко Ефтов и Љубчо Георгиевски во емисијата „Во Центар“ откри многу детали од минатото на македонската политичка сцена.
Дел од фактите кои беа изнесени со сигурност ќе бидат голем шок за многу граѓани, особено ако се знае дека дел од актерите во целата ситуација биле блиски соработници и пријатели.
Во емисијата „Во Центар“ во изминатиот период неколку гости на Ефтов го нападнаа отворено и директно Љубчо Георгиевски, особено последните двајца Томо Аврамски и Борис Стојменов.
Беа раскажани жестоки приказни, како приватни, така и бизнис малверзации, поради што како што вели самиот Љубчо во интервјуто, тој побарал од Васко Ефтов да го каже својот став односно својата прикзна или вистината.
Веројатно она што ги остави сите без збор е откривањето кое Георгиевски го добил токму од Томо Аврамски, кој во минатото беше сопственикот на весникот „Сведок“.
Томо Аврамски е непресушен извор на информации, бидејќи е сведок на многу настани. Тој е кум и најдобар другар на Жељко Ражнатовиќ Аркан.
Откако Аврамски напишал многу работи за Љубчо во неговиот весник „Сведок“, неколку години подоцна побарал средба со Георгиевски и сакал да му открие кој ги правел нарачките на тие текстови.
Во тој разговор, Аврамски му открил на Георгиевски дека од него Мане Јаковлевски и Жан Митрев побарале да најде човек од Србија кој ќе изврши атентат на Љубчо Георгиевски.
Поранешниот премиер вели дека не му е јасно зошто тие тоа сакале да го направат, особено затоа што на двајцата многу им помогнал.
-Тоа е прв пат во мојот живот некој да зборува за атентат на мене. Сум бил премиер во тешки времиња, претходно сум ја растурал Југославија осум години, никогаш не сум добил лична закана дека некој сака да ме ликвидира. И тоа не биле еднаш, туку 2-3 пати и го прашувале до каде е работата,- вели Љубчо.
Изненаден е особено од Жан Митрев, за кого вели дека му направил само добро.
-Жан Митрев го има добиено најголемиот бизнис што го имам дадено на некој во Македонија. Од зграда, од 24 милиони марки опрема до монополна операција во Македонија,- додава Љубчо.
Сето ова откако Аврамски му го кажал на Љубчо, Георгиевски од него побарал истото и јавно да го објави. Овие информации биле споделени и во весникот „Сведок“ кој се реобјавил токму за таа цел.
Целата емисија може да ја погледнете на каналот на „Јутјуб“ на Васко Ефтов: