Маја Оџаклиевска: Живеам на село, а мојата најголема желба е внукот Лука да прозбори









Не живеам во Белград, туку на село. Најпосле си го најдов мојот мир. Од животни, сега-засега, имам зајак, мачка, куче, птички што ми пеат и во чии песнички уживам заедно со мојот 13-годишен внук




Седумдесетодишната наша добро позната поп-пејачка Маја Оџаклиевска веќе неколку години не настапува, нема концерти, не се натпреварува на фестивали, никаде не патува, не е во бркотница со случувањата на естрадата. Си ги живее своите мирни пензионерски денови. Таа сега ја има почесната српска национална пензија, која се доделува на истакнати уметници, од околу илјада евра и со која во соседна Србија може пристојно да се истурка месецот.




– Среќна сум затоа што пензијата многу ми го олеснува животот, не само мене туку и на моите деца. Иако јас сум мошне скромна личност. Знаев да живеам и со 300 евра.




Маја повеќе не живее во Белград, се пресели во едно село недалеку од српската метропола. Таму, на село, е заедно со својот внук Лука, изолирана од градската врева, во природа, со животни. И, секако, со Лука, кому пред десет години му бил дијагностициран аутизам. Оттогаш тој ѝ станал најголем приоритет, па поради тоа таа, всушност, најмногу и се повлече од музичката сцена.




– Најпосле, по толку бурни години, живеам совршено спокојно. Искрено да кажам, ми здодеа тоа постојано да треба да бидам на врвот, да треба да се нервирам ако не сум на топ-листите, да се тресам дали ќе победам на некој фестивал. Сè ми стана претерано стресно. Станував напладне, по два, со што денот ми беше уништен. Сега станувам околу пет наутро. Сакам да го гледам изгрејсонцето, да ги хранам животните. Седнувам и пијам кафе самата со себе.




Никој не ме „дави“ со празни муабети, и тоа е нешто најдобро. Нема сообраќаен метеж, нема постојано ѕвонење на мобилните телефони, нема закажување настапи, нема здодевни патувања на плус 50 или на минус 20 степени. Уживам во своето слободно време на село. Од животни, сега-засега, имам зајак, мачка, куче, птички што ми пеат и во чии песнички уживам.

Инаку, Маја има две ќерки од два брака. Тоа се Теа и Андреа, на кои и денес им е голема поддршка. Денес, внукот Лука има тринаесет години, во раниот пубертет е, но сè уште не проговорил. Маја не ја губи надежта.

– Најискрено се надевам дека ќе прозбори. Тоа е мојата најголема желба – вели Маја

error: Content is protected !!