Пеш може, со кола не. Ова е одговорот на граничните власти кои го добиле повеќе македонски граѓани, кога со своите автомобили, регистрирани во странство, деновиве се обиделе да влезат во земјава.
На граница им било кажано дека автомобилот со странски таблички може да влезе во Македонија само ако неговиот сопственик се откаже од адресата на живеење во земјава или со документи дека возилото се увезува. Ова за ТВ24 го потврди и бугарски царински службеник од граничниот премин кај Делчево, кој сакаше да остане анонимен. Според него, од почетокот на месецов, многу автомобили со бугарски регистарски таблички кои сакале да влезат во земјава, биле вратени назад во Бугарија.
Од МВР велат дека на возила, вклучувајќи ги и оние со странски регистарски таблички им се дозволува непречен влез и излез од државата секогаш кога се исполнети законските услови за тоа.
„На барање на Царинската Управа а во рамки на меѓусебната, полициско – царинска соработка, Министерството за внатрешни работи презема и дополнителни мерки како поддршка во спречување на кривични дела и прекршоци и од областа на царинското работење. Во таа насока, доколку постојат одредени индиции, Министерството за внатрешни работи може да изврши дополнителни проверки на возила со странски регистарски таблички управувани од страна на македонски државјани.“
Од Царинската управа не одговорија директно на нашето прашање, зошто овие возила се враќаат назад. Според не многу јасното соопштение, може да се заклучи дека ваквите возила се водат како привремен увоз на стока, која мора да се царини.
„Привремен увоз значи царинска постапка, според која одредена стока, вклучувајќи и транспортни средства, може да се внесе во царинското подрачје со целосно ослободување од плаќање увозни давачки и повторно да се извезе во одреден рок во непроменета состојба, при што условите и начинот на одобрување е регулиран со Конвенцијата за привремен увоз – Истанбулска Конвенција, одредбите од Царинскиот закон и одредбите од Уредбата за спроведување на царинскиот закон.“
Македонија е преплавена со возила со бугарски регистрации, чии сопственици се Македонци со бугарски пасоши, кои давачките за користење јавни патишта ги плаќаат во Бугарија, а ги користат македонските патишта. Затоа, Владата лани за 50 отсто ги намали давачките за регистрација на вакви возила тука. Условот е тие да влегле во земјава заклучно со 1 октомври 2020 година и да се со ЕУРО 4 стандард. Владата најави дека со ваквото решение во буџетот ќе влезат приходи од околу 20 милиони евра.
Автомобили со бугарски таблички веќе не можат да се возат во земјава подолго од пропишаниот законски рок
