Тимот на д-р Станислав Јорданов од болницата „Св Ана“ во Софија му даде шанса на Денис Кралевски од Скопје да живее нормално, по успешно завршена тешка операција, која одбивале да ја извршат доктори од РС Македонија, Србија и Словенија. За случајот информира бугарската информативна агенција БГНЕС.
Во летото на минатата година Денис од Скопје доживува тешка сообраќајна несреќа. Речиси 40 дена тој е во кома, а претходно неговиот живот е спасен во реанимацијата на болница во РС Македонија.
Доктори од РС Македонија, Србија и Словенија одбиваат да ја извршат операцијата заради висок ризик по животот на пациентот. Тогаш Кралевски се обраќа за помош кон докторите од болницата „Света Ана“, таму е примен од д-р Јорданов и доц. Конов.
„Дојдов во Бугарија бидејќи имав многу големи проблеми по несреќата. Проф.Конов и д-р Јорданов ме прифатија и направија се за да бидам здрав и за да можам да дишам. Им благодарам многу, презадоволен сум од мојот престој во Св. Ана“, рече Кралевски.
Сега пациентот дише нормално, јаде и пие течности, може да ја движи главата, но треба уште некое време да следи режим до целосно закрепнување. Младиот човек ги советува сите кои имаат сличен проблем храбро да побараат помош во „Св. Ана“ каде ќе бидат добро третирани.
„Живеам втор живот. Ти благодарам за вториот живот што ми го подари, можам да дишам и презадоволен сум“, споделува Денис обраќајќи му се на д-р Јорданов.
„И јас сум среќен и горд што успеавме заедно и можам да ја видам твојата насмевка“, рече докторот од болницата „Света Ана“.
(Видео) Лекарите од УМБАЛ „Св. Ана“ во Софија му дадоа втор живот на Денис Кралевски од Македонија
