Најпрвин вчера ХКК Груде ја објави веста во која се простија од 25-годишниот Лека кој почина по тешко боледување, а утрово стигна веста дека починал Бранимир Машиќ.
Херцеговските градови Томиславград и Груде се обвиени со тага по смртта на двајцата млади кошаркари, Јосип Лека и Бранимир Машиќ.
Најпрвин вчера ХКК Груде ја објави веста во која се простија од 25-годишниот Лека кој почина по тешко боледување.
– Со тажно срце соопштуваме и се збогуваме со нашиот Јосип Лека (1997-2022). Јосип го напуштил овој свет по тешка болест. Беше играч на нашиот клуб, играше и за КК Широки, а и во најтешките и воедно најхрабрите денови навиваше за својот Груде. Нашиот клуб и целиот колектив изразуваат најдлабоко сочувство до целото семејство на починатиот Јосип. Драг наш Јосип, ти остануваш во нашите сеќавања. Почивај во Божји мир – објави ХКК Груде.
А веќе утрово тажна спортска вест пристигна од Томиславград каде ненадејно почина 32-годишниот Машиќ, познат и по прекарот Бани, пренесува Кликс.
– Нашиот Бранимир Машиќ – Бани ненадејно не напушти утрово на 32 години. Немаме зборови да ја опишеме оваа тага и болка што не пречека ова саботно утро, ни остана една голема празнина затоа што еден човек не напушти во вистинска смисла на зборот. Претседател, играч, тренер и надеж за сите пријатели, посакуваме Господ да Ви даде вечен одмор, почивај во Божји мир – напиша ХКК Томислав.
Воедно најавија дека погребот ќе се изврши во недела во 16 часот на гробиштата Караула.
Поврзани вести за Босна и Херцеговина:
Изненадувачката изјава на Пахор: Можно е БиХ да добие кандидатски статус до крајот на неделата
Претседателот на Словенија, Борут Пахор денеска во Белград по средбата со претседателот на Србија, Александар Вучиќ рече дека има доволно политичка волја во регионот за зачувување на европската перспектива на Западен Балкан и стабилноста.
„Војната во Украина не помага за мирот и стабилноста на Западен Балкан, но и Вучиќ и јас се согласуваме дека на Западен Балкан, без оглед на сите недоверби и билатерални проблеми, има доволно политичка волја да се зачува мирот и европската перспектива“ – рече Пахор.
Тој изјави дека мисли дека постои можност сите лидери од регионот да се договорат за три централни прашања.
„Првата работа е Србија, Црна Гора, Северна Македонија и Албанија да ги забрзаат преговорите за влез во ЕУ, Босна и Херцеговина да добие кандидатски статус до крајот на неделата, а ЕУ да ја исполни својата обврска за визна либерализација” – рече тој.
Пахор изјави дека го загрижува фактот што нивото на доверба во дијалогот меѓу Белград и Приштина е пониско од претходно и дека дијалогот не довел до решението кое сите го посакувале.
„Мислам дека проектот „Отворен Балкан“ е создаден така што некои работи, доколку му се приклучат Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, проблемите што сега изгледаат нерешливи би можеле полесно да се решат во духот на соработката“ – рече тој.
На прашањето за ставот на Србија за санкциите што ЕУ ги воведе кон Русија, тој одговори дека смета дека доколку има сигурна европска иднина пред Белград, повеќе ќе размислува за санкции, а не само за осуда на војната во Украина.
„Не ја поддржувам одлуката на претседателот на Србија да не воведува санкции кон Русија, но можам да ја разберам неговата одлука. Мислам дека поголема и порешителна волја на Брисел за побрзо вклучување на земјите од Западен Балкан во ЕУ би придонела на таа одлука“ – рече тој.
ОБСЕ: Граѓаните не веруваат во изборниот систем на БиХ
Граѓаните на Босна и Херцеговина немаат доверба во изборниот систем, а дури четвртина од анкетираните изјавиле дека им биле понудени пари за да гласаат за одредена партија или поединец, покажуваат резултатите од истражувањето „Јавна перцепција за изборите во Босна и Херцеговина”, спроведена од Канцеларијата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во БиХ.
Според таа анкета, 41,3 отсто од испитаниците сметаат дека изборниот систем во БиХ не овозможува вистински одраз на волјата на граѓаните, додека само 28,2 отсто од испитаниците веруваат дека изборниот систем целосно го овозможува тоа.
Сличен однос има и кога станува збор за правичноста на изборниот систем, бидејќи 42 отсто од испитаниците, како што се наведува, сметаат дека изборите се спроведуваат на нефер или главно нефер начин, додека само 23 отсто од нив мислат поинаку.
На прашањето „Колку често мислите дека се случуваат изборни измами во Босна и Херцеговина”, речиси 90 отсто од нив веруваат дека се случуваат, додека само 6,2 отсто од испитаниците одговориле дека изборни измами никогаш не се случуваат.
Иако граѓаните тврдат дека има незаконски обиди да се принудат да гласаат на одреден начин, само 9,5 отсто од нив изјавиле дека пријавиле закани, додека 6,8 отсто изјавиле дека биле уценети и пријавиле.
„Истражувањето ги откри најчестите практики на фалсификување со цел изборна манипулација. На 25,8 отсто од испитаниците им биле понудени пари за да гласаат за одредена партија или кандидат. „Повеќе од еден од пет испитаници изјавиле дека некој од избирачкиот одбор им дал инструкции за кого да гласаат”, се наведува во истражувањето.
Во извештајот понатаму се наведува дека граѓаните најмногу се плашат од нерегуларности при пребројувањето на гласовите на избирачките места, а 22 отсто од испитаниците сметаат дека изборниот фалсификат се случува на повисоките нивоа, односно во општинските изборни комисии или на ниво на Централната изборна комисија на БиХ.
Вкупно 15 отсто од нив сметаат дека избирачките списоци, односно нерегуларностите во нив, се проблематични.
Кога станува збор за довербата, 64 отсто од анкетираните немаат доверба во избирачките одбори, 65 отсто од нив немаат доверба во општинските изборни комисии, 59 отсто немаат доверба во ЦИК на Босна и Херцеговина, додека 58 отсто од граѓаните немаат доверба во медиумите. .
Според ова истражување, 55 отсто немаат доверба во невладините организации, 69 отсто од граѓаните немаат доверба во политичките партии, 60 отсто немаат доверба во обвинителите, а 57 отсто немаат доверба во судовите.
„Испитаниците сметаат дека е важно да се измени Изборниот закон, 64,6 отсто го поддржуваат овој став, а 14 отсто се изјасниле дека измените на законот не се важни”, се нагласува во извештајот.
Тегелтија: Приклучувањето на БиХ кон „Отворен Балкан“ сосема извесно
Претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија денеска оцени дека процесот на Отворен Балкан е незапирлив бидејќи никому не му донел ништо лошо, па пристапот на БиХ во тој процес е сосема извесно.
Тегелтија, говорејќи на Самитот во рамките на Иницијативата Отворен Балкан во Белград, рече дека сега само две лица го блокираат пристапот на БиХ кон „Отворен Балкан“ и посочи дека и тоа ќе помине и рече дека економијата на БиХ е партнер на економиите во регионот, без разлика што БиХ сè уште не е дел од „Отворен Балкан“.
Тој им се заблагодари на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на премиерот на Албанија, Еди Рама и на премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, што ја држат отворена вратата за БиХ за „Отворен Балкан“, што не поставуваат политички услови, за тоа што немаат желба да го сменат Уставот на БиХ како некои други, но имаат желба БиХ да биде дел од „Отворен Балкан“.
„Најголемиот број граѓани на БиХ и бизнис заедницата се јасно посветени на овој процес и се надевам дека кога ќе ги сумираме резултатите за 2022 година ќе имаме подобри резултати во меѓусебната трговија отколку во 2021 година“, рече Тегелтија.
Тој изрази жалење што повторно зборува како гостин на Самитот и наведува дека во Охрид пред три месеци се надевал дека ова ќе биде последното обраќање на претставникот на БиХ на Самитот „Отворен Балкан“ како гостин.
Тегелтија, наведувајќи дека се уште зборува како гостин, се прашува – или често се одржуваат самити на „Отворен Балкан“ или блокадите во Босна и Херцеговина се уште се пресилни кога станува збор за тој процес.
„Убаво е да се биде во друштво на претседатели и премиери кои знаат што прават, кои зборуваат за решенија за проблемите, кои не зборуваат само за проблемите, туку бараат решенија за своите земји и за целиот регион. “, рече Тегелтија.
Како што вели, „Отворен Балкан“ има свои планови, рокови, свои одлуки и се работи според планираното, а во БиХ блокадите се пресилни.
Сепак, како што напоменува, Иницијативата „Отворен Балкан“ е наменета за граѓаните и бизнис заедницата, поради што, како што додава, денеска е во Белград да зборува во нивно име.
„Затоа и денеска ќе продолжам да ја повторувам потребата БиХ да се приклучи на процесот „Отворен Балкан“. Ќе зборувам во земјата, во странство, во бизнис заедницата, во медиумите. На бизнис заедницата и треба единствен економски простор со истите четири слободи кои важат во земјите на ЕУ за кои се залагаме кога зборуваме за влез во Унијата, а кога зборуваме за тоа во процесот на „Отворен Балкан“, многумина негодуваат“, посочи Тегелтија.
Тој посочува дека на бизнис заедницата не и требаат царински бариери и додава дека се надева дека многумина ќе се сетат на тоа што во своето денешно обраќање изјави претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за зголемувањето на трговската размена меѓу трите земји или колку е скратено времето за чекање на граничните премини меѓу трите земји кои се во Иницијативата.
Наведувајќи дека денеска во БиХ почнува предизборната кампања, Тегелтија вели дека денеска политичарите почнуваат да им ветуваат на граѓаните, како и дека во медиумите во БиХ забележал дека со неговото присуство се занимаваат оние кои го блокираат пристапот на БиХ до „Отворениот Балкан“ на Самитот.
„Јас не дојдов во нивно име, не во име на тие што блокираат, туку во име на граѓаните и бизнис заедницата. Можете да одложите, но ова е она што им треба на граѓаните и ќе дојде. Како што процесот на „Отворен Балкан“ е незапирлив затоа што никому не му донесе ништо лошо, така што приемот на Босна и Херцеговина во овој процес е сосема извесно“, рече Тегелтија.
Вели дека на заедничката вечера синоќа било убаво, но дека го прави несреќен што немале можност да ги пробаат вината и храната од Босна и Херцеговина.