Дел од училиштата немаат обезбедено огревно дрво за престојната зима – наставата ќе се префрли ОНЛАЈН?









Неизвесно е како ќе ја поминат зимската сезона училиштата во Југоистокот. Голем дел од училиштата што се греат на дрва, особено во помалите населени места, немаат набавено огрев, а не е мал бројот и на оние што не ги подмириле сметките за минатата грејна сезона.

Со долгови, но и со нови цени на огревното дрво, нафтата и гасот, се јавува голем предизвик за реализирањето на наставата оваа зима. Градоначалникот на општина Струмица вели дека одлуката за тоа како ќе се одвива наставата ќе треба да ја донесе Министерството за образование.




Дека ситуацијата не е лесна се согласува и градоначалникот на Ново Село, Божинов. Но, тој апелира да се направат други рестрикции и штедења а образовниот процес да не трпи, затоа што ќе се одрази и на менталното здравје на децата, и на квалитетот на образованието што ќе го добијат.




Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, предложи годинава да има хибриден начин на настава, со тоа што учениците ќе одат на училиште до почетокот на грејната сезона, а зимските месеци училиштата да работат онлајн.




Министерот за образование, пак, вчера потенцираше дека останува на ставот за настава со физичко присуство, затоа што образованието е приоритет како што е и здравството.




Во градинките уште евиденција во два дневника




Во предучилишното образование вработените продолжуваат да користат два дневника, електронскиот и класичниот, за разлика од училиштата каде од септември лани во функција е само електронскиот. Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, вели дека се подготвуваат измени во Законот за згрижување на деца.

Закон за грижа за деца

(2) Работата во градинка се организира во зависност од возраста на децата во хомогени групи:

1) до 12 месеци ………………………. …… ……. ..од 6 до 8 деца
2) над 12 до 18 месеци……………………………..од 8 до 10 деца
3) над 18 месеци до две години……………….од 10 до 12 деца
4) над две до три години…………………………од 12 до 15 деца
5) над три до четири години………………………од 15 до 18 деца
6) над четири до пет години……………………… од 18 до 20 деца
7) над четири до пет години………………………од 20 до 25 деца.

Внатрешната миграција на граѓаните доведе до состојба одредени урбани средини, како што се случи во главниот град, да има поголема популација во однос на предучилишните установи. И покрај тоа што од 2017 година се изградени 71 градинка, ниту тој број не е доволен за да ги згрижи сите деца.

Повик за ангажирање образовни медијатори за поддршка на Роми

Министерството за образование и наука за учебната 2022/2023 година ќе ангажира 40 образовни медијатори Роми во 29 општини во земјава со цел да помогнат во подобрување на информираноста за можностите и пристапот до училиштата на ромската етничка заедница.

Како што е наведено во повикот на МОН, улогата на образовниот медијатор е да одржува редовни средби за сензибилизирање на населението и вработените во основното училиште со спецификите и потребите на ранливите групи во делот на образованието, редовно да соработува со стручните соработници и наставниците за подобрување на постигањата на учениците, да презема активности за намалување на напуштањето на воспитно-образовниот процес на учениците.

Право да се пријават за образовни медијатори имаат лица од општини со поголем број ученици од ромската етничка заедница: Шуто Оризари, Чаир, Центар, Бутел, Карпош, Ѓорче Петров, Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Илинден, Тетово, Гостивар, Кичево, Oхрид, Струга, Неготино, Дебар, Битола, Прилеп, Куманово, Штип, Кочани, Виница, Делчево, Берово, Велес, Градско, Кавадарци и Крива Паланка.

Кандидатот за образовен медијатор треба да работи со учениците, да соработува со училиштето, да работи и соработува со родителите/старателите и заедницата и да реализира редовни посети на терен и да работи со локалната самоуправа, граѓанскиот сектор и други институции и организации.

За нивниот ангажман ќе добиваат хонорар во месечен износ од 18.000 денари бруто за период од три месеци во 2022 и седум месеци во 2023 година.

Рокот за пријавување на повикот за образовен медијатор е 12 септември. Кандидатите треба да се македонски државјани, да се невработени и припадници на ромската етничка заедница.

Критериуми за избор на образовни медијатори се тие да имаат завршено најмалку четиригодишно средно образование, да имаат комуникациски и компјутерски вештини (Microsoft Оffice), да бидат дел од заедницата во која ќе работат, да имаат искуство од работа на терен со ромската заедница, граѓанскиот сектор, локалното население, локалните институции и училиштата.

Во повикот на МОН се наведени предностите при селекција на кандидатите и потребните документи што тие до 12-ти месецов треба да ги поднесат во Министерството за образование и наука, ул. „Св.Кирил и Методиј“ бр. 54, 1000 Скопје.

МОН не одговори за ветувањата кон Македон

По реакцијата на таткото на генијалецот Македон Димитровски, во која тој упати критики кон МОН поради неисполнетите ветувања, „Фокус“ побара одговор од Министерството за образование за овој случај.

Надевајќи се дека ќе добиеме конкретен одговор, од МОН добивме еден куп набројувања на политики за талентираните ученици од Македонија. Одговорот од МОН ви го пренесуваме во целост:

„Во насока на поддршка на талентираните ученици во Република Северна Македонија, Министерството за образование и наука реализира повеќе активности со кои се вреднува и стимулира нивниот труд и постигнати резултати. Па така, освен што талентираните ученици на предлог на одделенски наставник односно одделенски раководител, а со одлука на Наставнички совет можат да напредуваат и забрзано, но најмногу до два пати за време на школувањето да преминат во наредно одделение, за учениците со натпросечна интелигенција се организираат и додатни активности, односно следуваат дополнителни бенефиции.

На пример, се организира дополнителна групна или индивидуална настава за надарени и талентирани ученици, а законите предвидуваат советот на наставници да изготвува посебна програма за работа со талентирани ученици. Учениците се подготвуваат за учество на натпревари од страна наставници ментори.

Од учебната 2020/2021 година отворена е Математичко – информатичка гимназија во Скопје како специјализирано училиште каде по посебни програми се образуваат талентирани ученици од областа на математиката, физиката и информатиката.

Министерството за образование и наука секоја година доделува стипендии за талентирани ученици од средните училишта и тоа одделно по 100 стипендии за талентирани ученици спортисти и 100 стипендии за талентирани ученици во други области. Месечниот износ е зголемен од учебната 2021-2022 година од 2970 денари на 3500 денари и се исплаќа за 9 месеци во годината.

Дополнително, МОН доделува и еднократен паричен надомест за ученици кои ќе освојат прво место на државен натпревар по било кој предмет организиран од акредитирано здружение на наставници ( износот е 50% од просечната нето плата во земјата), како и еднократни парични надоместоци за освоено прво, второ или трето место на меѓународен натпревар по математика, информатика и природни науки (100%, 80% односно 60% од просечната нето плата во земјата, зависно од освоеното место). Исто така, се доделува и месечен паричен надомест за освоен медал на меѓународна научна олимпијада ( 12 месеци во годината по 12.000 денари за освоен златен медал, 10.000 за сребрен и 8.000 денари за бронзен медал). За учебната 2020/2021 година се доделија парични награди на 16 ученици (во прилог листа со податоци за учениците) кои учествуваа на меѓународни натпревари/олимпијади, додека за учебната 2021-2022, јавните повици се во тек.

Учениците кои ќе го освојат првото место во рамки на државниот натпревар – Лидер на струка (натпревар помеѓу ученици од средни стручни училишта), исто така добиваат еднократен паричен надоместок во висина од 50% од просечната плата.

Во последниот период, учениците почесто се вклучуваат и во програмите на Фондот за иновации, како и програми креирани во соработка со меѓународни партнери и организации како што е UPSHIFT програмата создадена во соработка со УНИЦЕФ, каде се поддржува нивната креативност и се стимулира заложбата за напредок, преку понуда на некое решение на секојдневен предизвик од кој е засегнато општеството во областа на екологијата, енергетиката и слично.

Во рамки на темелната реформа на основното образование, со нови наставни програми, нови учебници и целосно нов пристап на наставниците во наставата, исто така го поттикнуваме креативниот потенцијал на учениците.

Дополнително, со воведувањето на повеќе изборни предмети во основните училишта се дава шанса секој ученик да го одбере тоа што му е најинтересно и кадешто постигнува најдобри резултати. Така се овозможува рана идентификација на афинитети, предиспозиции и талент за одредена работа или во одредена област, што овозможува ран почеток на следењето на детето и се дава потребната поддршка за да напредува.

МОН ќе продолжи и во иднина со креирање на нови и унапредување на постојните политики за поддршка на талентираните ученици, со цел овозможување на целосно остварување на нивниот потенцијал и секако стимулација за вложување на сопствените знаења и способности во развојот на Република Северна Македонија“, ни истакнаа од МОН.

error: Content is protected !!