Сопруга и мајка на три деца, лидер во својата професија. Сака добра музика, поезија, свири пијано и ужива во прошетка со своето куче. Тоа е Тања Турунџиева.
Нутриционист со 21 годишна кариера во земјава и странство.
Преку социјалните мрежи, таа сподели важна информација за сите, воедно објаснувајќи дека се можело да се очекува, но не и нешто такво.
-Предупредување до јавноста!!!!
Во изминатиот период забележан е случај на неодобрено и неовластено користење на моето име и слика за интернет промовирање на производ, при што до моето име дури е и додадена потесна стручна специјалност, која јас не ја поседувам.
Водена првенствено од можните последици по здравјето од ваков вид на непроверени производи, морам да предупредам дека јас не стојам зад засегнатиот производ и немам дадено овластување, ниту одобрување за користење на моето име и слика за негово промовирање и маркетинг.
Се работи за класичен пример на интернет злоупотреба на моето име и слика во маркетинг цели и апелирам до сите да бидат особено внимателни кога станува збор за вака пласираниот производ.
Уште еднаш нагласувам – јас не стојам зад таквиот производ!
Ваквата злоупотреба претставува и закана за мојот макотрпно граден професионален углед и репутација, но исто така претставува и потенцијална закана по општото здравјето, за заштита на кои впрочем ќе бидат применети сите соодветни законски средства.
Со почит, Тања Турунџиева
Во продолжение, прочитајте го нејзиното интервју за ЕУ ИНСТИТУТ Скопје:
Во регионот сте препознатлива како една од малкуте основоположници на нутриционизмот во Македонија. Нашите ценети читатели ќе ги интересира како започна оваа ваша мисија во животот, како започна вашето патување во светот на нутриционизмот?
По завршувањето на студиите, мислев дека мојата идна професија ќе биде белиот мантил и лабораторијата, се надевав дека ќе завршам во научни-истражувачки дејности. Но, за жал во 1996 година на мојот постар син му се случи специфично заболување, кое ме наведе да навлезам во сосема различна сфера од онаа која што ми беше планирана во животот. Само маката може да натера човек да навлезе во некоја сфера што дотогаш била мистична за него. Иницијална каписла за да навлезам во светот на здравата исхрана ми беше подарената книга која што упатуваше во магичните светови на лековитоста на храната. Факт е дека во далечната 2001 година, беше отворен прв диетален клуб, не само во Македонија туку и во Западно Источна Европа. Од тогаш па навака мојата професија се нарекува нутриционизам. Во ниеден момент не се покајав што токму овој пат го одбрав да го следам. Сметам дека нутриционизмот ќе стане една од видните професии и најбарани во светот.
Се едуциравте во Германија. Редовно одите на доусовршувања и слично. Кои се разликите во култура на исхраната за разлика од Македонија?
Моето едуцирање и усовршување е секој ден и секој миг. Германија ми беше мое животно училиште. Ако некој сака да биде успешен во својата професија, сметам дека треба константно да се едуцира и доусовршува. Можете да завршите студии, можете да магистрирате и докторирате, ама доколку не продолжите со едукација, пратење на трендови, тогаш ќе останете на нивото стекнато само на вашите основни студии. Специфичните професии кои побаруваат константно пратење на промените на трендовите во светот, бараат секојдневна и постојана едукација и пратење на светските трендови. Секојдневно во светот во областа на нутриционизмот, толку многу се менуваат работите од час на час, особено по настанување на пандемијата, така што ако само еден ден пропуштите да прочитате или осознаете нешто, нема да бидете во можност да промените нешто во исхраната на некому, кој има потреба токму од таква промена. Во софистицираниот западен свет, уште многу одамна се правеле најразлични испитувања во однос на исхраната и како сето тоа се одразува врз подобрување на здравјето на луѓето. Многу ми е драго што во последно време, кај нас во Македонија е пробудена свеста и совеста кај многу луѓе. Можеби требаше да се случи пандемијава, па да едноставно почнат посовесно и поодговорно да се грижат за своето здравје. Очигледно и конечно дојде мојата фамозна реченица која години уназад ја говорев, дека здравјето се чува секој ден, а не кога ќе се изгуби.
Во многу приватни болници бевте долги години консултант-нутриционист кој се грижеше за сите болни. Каква беше одговорноста и искуството?
Токму така. Од почеток па до ден денес, соработувам со многу приватни болници и приватни ординации. Во принцип, работам како тимски играч и несебично го споделувам своето знаење, совети и искуства со моите колеги. Не се срамам да кажам дека нешто не знам, а гледам во секој момент да научам нешто ново од специјалисти во својата област, како би можела уште подобро да приготвам здрав и правилен режим на исхрана. Тимската работа е навистина многу важна и таа вродува со плод за здравјето на човекот. За да се постигне саканиот ефект кон подобрување на здравјето, важна улога игра и храната која човекот ја конзумира при одредено заболување. Често знам да се посоветувам и со стручни, врвни професионалци и надвор од нашите граници. Секое едно искуство и едукација која ќе се научи секојдневно е големо богатство. Независно дали работам индивидуално или во тим, одговорноста е секојдневна и секогаш иста кон сите пациенти. Посветеноста, одговорноста, истрајноста и желбата за триумф кон подобро здравје, треба да е секој миг.
Во 2019 бевте избрана за најдобар нутриционист во РСМ од страна на ЕУ ИНСТИТУТ Скопје. Одговорност, задоволство или обврска да соработувате со невладин сектор кој сака да го подигне нивото на едукација на население кога е во поглед нутриционизмот?
Посебна чест и задоволство ми беше наградата која ја добив од страна на ЕУ ИНСТИТУТ Скопје. Таа ми е една од најдрагите награди кој што сум ги добила, а ги има многу. Посебно задоволство ми беше преку едукативните, реторичките и образовните работилници, допиравме до будење на свеста и одговорноста кон здравјето. Едуциравме најразлични популации. На секоја покана од страна на институтот чуствував посебна чест, затоа што е една од врвните институции која што навистина се залага за подигнување на свеста кај народот. Таа функционира не само на овие простори туку и во неколку светски земји надвор од Македонија.
Како ценет соработник на ЕУ ИНСТИТУТ Скопје во 2018 бевте предавач на работилници за храна и емпатија, во 2019 со вашата животна приказна бевте гостин мотиватор на семинарот за САМОДОВЕРБА, потоа промотор на книгата ГОВОРОТ НА ТЕЛОТО, во 2020 дадовте и неколку ваши совети во прирачникот кој го креираше институтот на тема МЕНТАЛНА ХИГИЕНА ВО УСЛОВИ НА КОВИД-19 И ГЛОБАЛНА ПАНДЕМИЈА. Колку е важно да ја подигнеме свесноста на населението на тема здрава и правилна исхрана?
За сите овие години на мојот работен век како нутриционист, многу внимавав во секојдневното едуцирање на народот. Дали тоа беше преку пишан медиум, телевизија, отворени работилниции, едукации по градинки и училишта или било какви институции, максимално се давав себеси за да го пренесам сопственото искуство и на некого да му ги променам секојдневните навики во исхраната со цел да се храни поздраво, а со тоа и подобро здравје. Најинтересни ми беа децата од градинките со своите погледи кон храната. Тие ме одушевуваа со тоа што за секоја храна си имаа своја приказна. Бев изненадена кај повозрасната популација, која со голем интерес ги менуваше секојдневните навики за подобро здравје.