Сашо Тасевски е македонски театарски, филмски и телевизиски глумец, стендап комичар, писател и колумнист, вработен во Драмскиот театар во Скопје.
Неговото влијание на социјалните мрежи е големо, а овојпат тој реши да зборува на актуелна тема.
Можеби на некои нема да им се допадне, но тој секогаш е искрен.
Така и овојпат, кога потврди дека и во минатото имало булинг или исмевање со дечињата во училиште, но, тоа е многу поразлично од она што се случува денес.
Еве што напиша тој:
-Булинг или исмевање имаше и ние ко бевме деца.
Најчесто се исмевавме за физички недостатоци ако некој носи цвикери или оној со теглите на очи, ако е дебел или многу слаб, тапациран костур.
Се исмевавме со некој ако е бубалица и лигав со учителите или ако е тужибаба. Тогаш и ќутек јадеше. Не бевме меки со таквите.
Но стварно не се сеќавам да некои не ги дружиме зашто немаат пари или немаат такви и такви патики.
Зашто сите бевме од некоја работничка класа или деца на обични чиновници. Дури ако некој нема за екскурзија, класната без тој да знае, ќе не собереш и ќе не замолеше да дадеме по 50 или 100 динари, за да може и другарчето да дојде со нас. И немаше да дознае дека ние сме му платиле. Ќе мислеше неговите му платиле.
Јас имам, ти немаш е приказна која почна од деведесетите си тера до денес.
Многу е важно јас да имам ти да немаш.
Оти тоа е условот. Некој мора да нема за да има друг кој многу има. Сиромаштијата е грда. Особено ако немаш да му го дадеш на своето дете она што го имаат другите деца.
И децата го гледаат тоа. Јасно им е и ќутат. Тоа е. Се нема.
Но ако нивните другари во школо почнат да ги исмеваат поради тоа и поради она и ако тоа трае и трае, ете ти рецепт за несреќа.
Сите не сме исти кога ни се прави булинг. Јас да речеме можам да издржам таков притисок. Сите да, серат против мене. Ама друг не може.
Докторка во Хрватска се уби по невиден булинг откако и умре пациент. Што е со децата, ако возрасни се убиваат по булинг? Едно дете три месеци од дома не излегуваше поради булинг на школо. Во школото сите невини.
Велеа ама ние им укажуваме дека така не треба, не е можно така да прават. А бе прават!
Зашто ве манипулираат, зашто по часовите се враќаат во својата орда на богати размазени деца на кои дома од мали ги учат со кого треба а со кого не треба да се дружат.
Оти не се исти таму со некој клошар или син на столар или глумец. Не правиш милиони, кој те шиша! Немаш порше или бмв кабриолет, немаш вредност.
Немаш 10 грама кока у тебе, не си добар за у наша екипа. Тоа се турбо фолк вредностите со кои се хранат децата секој божји ден. И пукаат у психата и тие и овие. И оние од многу што имаат и оние што немаат. А општеството? Тоа си ќути. Иако сме меѓу водечките по број на самоубиства во Европа.
Повеќе за Сашо:
Сашо Тасевски во 1995 година дипломирал на катедрата за актерска игра на Факултет за драмски уметности – Скопје. Во 1998 година се вработил како глумец во Драмски театар во Скопје, каде остварил преку педесет театарски ролји во матичниот и други театри низ државава, но и како соработник со други театарски институции и проекти. Во 2002 година, добитник е на националната театарска награда за најдобра актерско остварување на фестивалот Војдан Чернодрински за улогата на ЦИБРА во претставата ТЕТОВИРАНИ ДУШИ. Во 2004 година магистрира театролошки науки на ФДУ, одбранувајќи ја тезата „Театар во празното“.
По негово сценарио, во 2008 година е снимена куклената тв-серија за возрасни ВРЕМЕТО ДЕНЕС во режија на познатиот бугарски режисер Боњо Лунгов. Серијата се емитуваше во 46 епизоди.
Во 2010 година во Драмски театар е праизведбата на неговата драма ИНТЕРМЕЦО.
Остварува улоги во неколку македонски серии како: Салон Хармони, Сакам да бидам кошаркар, Еурека, Тврдокорни и Преспав, но и во неколку тв-филмови и драми: Дичо Зографот, Девет пораки и други.
Пишувал сценарија за стрипот во неделникот Фокус и колумни за истиот весник, но и за други весници и интернет портали.
Авторска кариера
Во 2007 е објавена неговата прва збирка драми „Шмизла“ која доживува три изданија. Во годините што следат, објавува уште една збирка драми „Аеродромци“ и четири романи, култниот роман „Пеперутка“, потоа „Угурсуз“, „Принцезата на малиот принц“ и „Отпозади“ со кои создава голема читателска публика.
Остварува и две забележителни улоги во монодрамите, Човекот од соба седум и особено во Секс, Дрога и Рокенрол на сцената на драмскиот Театар во Скопје.
Во 2013 година, добитник е на наградата „Најчитан писател во Македонија“ во сите библиотеки низ државата во конкуренција на странски и домашни писатели која ја доделува НУБ Климент Охридски.